Фетел: Уште е рано за планирање пензија

Фетел: Уште е рано за планирање пензија

Четирикратниот Ф1-шампион Себастијан Фетел вели дека не размислува за повлекување од спортот кога во интервју за „Плејбој“ беше прашан дали може да го следи примерот на Нико Розберг, кој се повлече по освојувањето на светската титула.

„Не сум размислувал за тоа. Тоа е многу голема одлука, нешто што не се носи спонтано. Нико сакаше да се пензионира за да има помирен живот, но го гледам како трча од еден состанок на друг. Јас кога имам слободна недела, лежам на кревет“, вели Фетел посочувајќи ја работата на Розберг како ТВ-коментатор и како менаџер на Роберт Кубица.

Германецот освои четири титули со тимот на Ред бул пред да направи трансфер во Ферари, каде што ова е трета сезона без титула.

„Мислам дека секој што седнал во болид на Ферари знае дека е нешто посебно. Уште не сум станал шампион со Ферари и не знам дали би сакал да бидам во друг тим“, објаснува Фетел.

30-годишниот Фетел оваа година беше на удар на критиките поради неговиот темпераментен стил кој најдобро се покажа на азербејџанското ГП кога се удри намерно во Луис Хамилтон.

„Јас сум тој што сум. И го сакам тоа што го правам“, вели Фетел.

Даниел Рикјардо, возачот на Ред бул, со кого Фетел помина една година заедно, вели дека токму темпераментот е негов адут.

„Кога ќе дојде жештината на моментот, тој веднаш реагира, и тоа емотивно. Но, кога ќе помине тој наплив на адреналин, тој има одличен приод кон работите. Емоцијата доаѓа од страста. Знам дека тој го живее Ф1-светот повеќе од кој било од ривалите и затоа е толку силен. Кога ќе го победев во трка во 2014, сигурен сум дека беше лут, но кога ќе завршеше трката, тој доаѓаше и ми честиташе. Кога нема да е вжештен, тој е добро образован, најверојатно подобро од мене“, објаснува Рикјардо.