Филхармонија ќе ја стартува годината со настап на „чудото од дете“, Даниел Харитонов

Филхармонија ќе ја стартува годината со настап на „чудото од дете“, Даниел Харитонов

„Лауреати“ е насловот на првиот концерт на Македонската филхармонија во новата 2018 година, што ќе се одржи на 18 јануари во 20 часот и ќе стартува со настапот на пијанистичкиот виртуоз Даниел Харитонов под диригентство на  маестро Даниел Рајскин од Русија.

Роден во рускиот град Јужно-Сахалинск, пијанистот Даниел Харитонов се прослави како еден од најсјајните таленти на 15. Меѓународен натпревар „Чајковски“ во 2015 година, на возраст од 16 години. Тогаш, како најмлад учесник, неговата триумфална изведба му ја донесе третата награда. Но, публиката беше воодушевена од неговиот настап и тој го понесе епитетот „чудо од дете“, а беше наречен и виртуоз со извонредна техника и искрена интерпретација.

Рајскин беше именуван како „откритие на 15. натпревар ‘Чајковски’“ и од тогаш неговата кариера рапидно растеше, настапувајќи со престижни оркестри и врвни диригенти.

Даниел Харитонов за македонската публика ќе го изведе популарниот и раскошен Концерт за пијано и оркестар бр. 1 од Франц Лист. На програмата оваа вечер се и атрактивната увертира „Карневал“ од Антонин Дворжак, како и славната Симфонија бр. 2 од Јан Сибелиус.

Од Македонската филхармонија најавија дека до крајот на оваа концертна сезона ќе бидат реализирани уште голем број симфониски концерти со ѕвездени солисти и диригенти, а програмата ќе биде исполнета со сериозни, комплексни, но и атрактивни и инспиративни дела. По „Лауреати“, на 25 јануари ќе се одржи концертот под наслов „Моцартовите перипетии“ со маестро Михал Нестерович од Полска зад диригентскиот пулт, додека на 31 јануари публиката ќе може да го проследи концертот „Апотеоза“ на кој под диригентство на маестро Борјан Цанев, како солист ќе се претстави врвниот виолинист Роман Симовиќ од Црна Гора, кој кариерата ја гради во Велика Британија и ширум светот.

Следејќи ја традицијата, и оваа година Македонската филхармонија по повод Денот на вљубените, на 14 февруари, подготвува несекојдневен музички настан. Овој пат насловен „Murder Ballads“, концертот ќе претстави теми од славните Леонард Коен, Ник Кејв, „Портисхед“, Том Јорк, Бјорк, Ненси Синатра, Џони Кеш,  во аранжмани и под диригентство на Џијан Емин.

„Вокална магија“ е следниот концерт закажан за 22 февруари, на кој под диригентство на маестро Емил Табаков од Бугарија, како солист ќе се претстави македонскиот баритон Милан Силјанов, кој живее и твори во Швајцарија, додека на 8 март е концертот „Женски приказни“ со маестра Елена Митревска зад диригентскиот пулт.