Финансиската полиција влезе во Институтот за сметководители

Финансиската полиција влезе во Институтот за сметководители

Скандалите во Институтот за сметководители почна да ги истражува Управата за финансиска полиција. Од таму велат дека денес влегле во Институтот, а со истрага ќе продолжат и во следните денови. Ги истражуваат материјално-финансиското работење и сомнежите дека одлуките во Институтот ги носеле луѓе што не се дел од него.

Министерството за финансии го потврди скандалот во Институтот во врска со разрешувањето на претседателката Ленче Папазовска, што вчера го објави „Макфакс“. Од Министерството велат дека не издале позитивно мислење за нејзино разрешување иако веќе еден месец таа не е на функцијата. За смена на претседателот на Управниот одбор, кој во исто време е и претседател на Институтот, Надзорниот одбор, кој ги назначува, е обврзан да добие позитивно мислење од Министерството за финансии.

На прашањата од „Макфакс“ зошто не издале позитивно мислење за смената на претседателката, од Министерството за финансии кусо одговараат: „Министерството за финансии во согласност со законските прописи даде мислење кое е објавено на веб-страницата на ИСОС во врска со барањето на Надзорниот одбор за давање позитивно мислење за именување претседател на Управниот одбор“.

На веб-страницата на Институтот е објавен документ во кој Министерството за финансии му се обраќа на претседателот на Надзорниот одбор, Саша Раденковиќ, како одговор на неговото барање од 29. 12.2017 година, а истиот одговор е испратен и до претседателката Ленче Папазовска.

„До Министерството за финансии не е поднесено барање за добивање позитивно мислење за отповикување на постојниот претседател на Управниот одбор на Институтот. Поради тоа, не се создадени законски основи за отповикување на постојниот претседател и избор на нов претседател на Управниот одбор“, стои во одговорот од Министерството за финансии.

Од Министерството не одговорија на прашањата дали и што ќе преземат по непочитуваната постапка за разрешување на Папазовска.

Финансиската полиција ги истражува материјално-финансиското работење и сомнежите дека одлуките во Институтот ги носеле луѓе што не се дел од него

Претседателот, пак, на Надзорниот одбор, Саша Раденковиќ, тврди дека барање за позитивно мислење за разрешување на Папазовска и за назначување нов претседател на Институтот поднеле уште минатиот месец. Тој за „Макфакс“ ја покажа целата преписка со Министерството, според која, првото обраќање до Министерството им било на 29.12.2017 година, една недела откако донеле одлука за разрешување на Папазовска. Во истиот допис бараат позитивно мислење за нејзино разрешување и за назначување нов претседател. Втората преписка е од 9 јануари годинава кога ја дополниле документација и го повториле барањето за разрешување на постојната претседателка и назначување нов претседател, а вчера им испратиле ургенција за постапување, со која, меѓу другото, го известуваат Министерството дека со непостапување по нивното барање се блокира работата на Институтот, со што може да настане трајна штета за организацијата, но и за членовите сметководители.

„Ве известуваме дека доколку не постапите со највисок степен на итност за издавање позитивно мислење по нашите дописи, се оградуваме од одговорност за штетите што би настанале од вашето непостапување“, стои во ургенцијата во која образложуваат дека се одлучиле за разрешување на досегашната претседателка поради нетранспарентно финансиско работење и оти на Надзорниот одбор не му овозможиле да направи контрола на материјално-финансиското работење.

Проблемите во работењето на Институтот, според сметководителите, ескалирале по надзорот што летово го направило Министерството за финасии кога биле утврдени низа пропусти и нетранспарентни постапки поради кои се договориле сите органи да се самораспуштат и да почнат постапка за формирање нови. Требало да се распуштат и Надзорниот и Управниот одбор и целото Собрание, но сметководителите велат дека Надзорниот одбор не го почитувал договорот и пред да се одржи седницата за самораспуштање, ја разрешил претседателката.

Претседателот на Надзорниот одбор, Саша Раденковиќ, најави дека, поради презафатеност, в петок ќе даде објаснување за разрешувањето на претседателката и за состојбите во Институтот.

Иснтитутот нема претседател од 22. 12. 2017 година кога била донесена одлуката за разрешување на Папазовска и од тогаш нема кој да ги потпишува лиценците и одобренијата.

(М.И.П.)

Скандали го тресат Институтот за сметководители – ќерки, снаи и зетовци откриени во управните органи