Финансиската полиција ги проверува документите за серијалот „Македонија“: Има сознанија за криминал

Финансиската полиција ги проверува документите за серијалот „Македонија“: Има сознанија за криминал

Управата за финансиска полиција има првични сознанија дека е извршена злоупотреба на службената положба од страна на одговорни лица во Агенцијата за филм како пречекорување во однос на исплатата на средства, неможност за следење на средствата, како и ненаменско користење на средствата од страна на продукциска куќа која е ангажирана за правење игран серијал за проектот „Македонија“, изјави директорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми, за „Макфакс“.

По пишувањата на „Макфакс“, кој првпат го отвори овој скандал, станува збор за први официјални сознанија што водат кон утврдување на регуларноста. Имено, „Макфакс“ приказната ја истражуваше долго време, а првиот напис беше објавен пред неполни три месеци. 

Во моментот оваа надлежна институција, која веќе подолго време на увид ја има документацијата и собира информации со кои може да се утврдат индициите за финансиски нерегуларности, не сака никого да посочи со прст бидејќи, како што ни изјавија, „предметот е сѐ уште во предистражна постапка и подетални информации би ѝ наштетиле, но веднаш по завршување на истрагата и без оглед на нејзиниот исход, јавноста ќе биде навреме информирана“. По пишувањата на „Макфакс“ на оваа тема со наслов „Филмски скандал со политички импликации: Каде завршија 4,6 милиони евра?“, каде што во два наврата имаше обид за демантирање на сите информации изнесени во јавноста, надлежните институции го ставија проектот под правна лупа.

Станува збор за играна серија со наслов „Македонија“, во која било предвидено во четири сезони и со нешто повеќе од 4 милиони евра амбициозно да се филмува македонската историја. Главен продуцент на серијата е Винко Грубишиќ од хрватската продуцентска куќа „Јадран филм“. Во последната информација до нашата редакција тој изјави дека серијата почнала да се снима и се вклучени и продуценти од земјата. За приказната ни кажа дека главниот лик околу кој се врти темата на серијата е македонскиот револуционер Павел Шатев, а тој требаше да го игра Емил Рубен. 

За досега најскапата серија што требаше да биде снимена кај нас имаше двегодишно вето за информации, а нема ниту еден готов производ (снимена епизода). Официјално, хрватската продукцијата „Јадран филм“ и нејзиниот сопственик Винко Грубишиќ досега добиле 80 отсто од средствата за првата сезона и овие пари се одлеале во подготовките и претпродукцијата. „До овој момент склучен е анекс-договор за исплата само за првата сезона од серијата за која е одобрен максимален износ до 85.000.000 денари, при што се исплатени 80 отсто од нив за подготовка и реализација на првата сезона. Исто така, продолжувањето на динамиката на исплата Агенцијата треба да го изврши ако има позитивен извештај за трошењето средства, односно тие се во согласност со доставениот буџет од страна на продуцентот. Значи, сумата од 4,6 милиони евра или 280.000.000 денари би била исплатена ако има реализација на договореното“, стоеше во демантот на поранешната директорка на Агенцијата за филм, Мими Ѓоргоска-Илиевска, во чиј мандат е направен договорот за серијата. 

Ако се направат груби пресметки, една сезона би го постигнала буџетот колку што чини еден просечен македонски игран филм или во случајот и овие милиони не би биле доволни за 130 епизоди. Се спомнуваа и многубројни рецензенти на сценариото што неколку пати е сменето, потоа дефинирање локации, менување режисери и продуцентски имиња во земјата што ќе ја преземат работата. Во процесот на работа е исто така спорно како се добиваат средства за едни потписници за вршење на работата, а потоа се појавуваат други. Конечно, за оваа серија пред две години имало јавен повик од Агенцијата за филм како проект од национална важност, на кој „Јадран филм“ победила со најдобро сценарио. И покрај сѐ, продуцентот Грубишиќ, најави одлична серија која ќе биде професионално сработена. За кредибилитетот на „Јадран филм“ и Винко Грубишиќ, поранешната директорка на Агенцијата за филм била предупредена од сродната филмската институција во Хрватска за можниот ризик за соработка со „Јадран филм“. Испратен е допис за регионална меѓуколегијална размена на информации во која ѝ е предочено за кредибилитетот на куќата што добива средства од Македонија. Грубишиќ сите овие искази на своите филмски колеги од Хрватска ги толкува како обид за реваншизам и штитење лични интереси и вети спектакуларна серија која би имала одлична дистрибуција во светот. Спомнува и холивудски актери и тврди дека сите рецензенти на кои имињата сѐ уште не им ги знаеме се изјасниле дека оваа серија би постигнала планетарна гледаност.

Каде е тука националниот интерес на Македонија што бил пресуден за потреба од реализација на ваква серија? Дали преку некои интригантни детали во сценариото светот да дознае за нашата историја или очекувањата се таа да заработи, исто така е нејасно. Објаснувањата на Грубишиќ беа дека тој оваа серија ја работи со голема љубов бидејќи, како што вели, уште од далечната 1983 година го заинтригирале некои делови од македонската историја.

Главно тоа треба да биде некоја возбудлива трилер-историска серија, која се работи со сосема нов пристап во продукцијата и креативниот дизајн. За динамиката на работа продуцентот вели дека овие пари се едвај доволни и оптимални во споредба со бенефитот што таа ќе го донесе. На овој начин „Јадран филм“ го оправдува ангажирањето помалку или воопшто неафирмирани имиња од филмската дејност кај нас. Според последните информации, режисерите што моментно работат на „Македонија“ се Игор Алексов и Стојан Виучиќ. Извесен режисер Зоран Петровски, кој е потпишан како режисер, не е повеќе во игра. Наводно, направена е и првата музичка подолга, чии автори се држат во тајност. Грубишиќ на серијата гледа како на оригинален концепт на серијата и делови од сценариото врз основа на кој е прифатен проектот ги избегнува сите делови и контроверзии што имаат каква било пропагандна порака. Наспроти сознанијата дека „Јадран филм“ не е на добар глас во Хрватска, продуцентот тврдеше дека тој нема долгови и обезбедил гаранција за „Македонија“. А што се однесува до влогот што тој нужно треба да се обезбеди кога продуцентот влегува во партнерски договор со Агенцијата, тој вели дека е обезбеден со странските партнери, а заработката се очекува од успешната дистрибуција.

Потсетуваме дека доминантниот удел во националната продукција „Јадран филм“ тој го добива по нејзината приватизација. Потеклото на тие пари со кои ја купил и денеска не се разјаснети, иако имало обид за тоа. Во последниве години тој се посветува на „Јадран филм“ очекувајќи од пропадната продукција да направи влијателен произведувач на филмови и ТВ-серии. Грубишиќ, како што вели, се гордее што тоа е единственото студио од просторите на поранешна Југославија што ја преживеало транзицијата во источна Европа. Исто така, некои од македонските соработници на „Јадран филм“ неодамна ни рекоа дека работата тече непречено и нема никакви индикации дека таа ќе биде стопирана. Дали нештата ќе станат појасни по правните, продукциски и креативни анализи на овој проект и тој ќе навистина ќе стане иновативна серија што ќе нѐ промовира во светот, останува да видиме. Остануваат отворени неколку верзии за допишување на ова сценарио.

Ана Василевска