Финансиска полиција во јануари оди во барокот кај „Св. Богородица“

Финансиска полиција во јануари оди во барокот кај „Св. Богородица“

Управата за финансиска полиција се подготвува за селидба во новата барокна зграда до црквата „Св. Богородица“ во Скопје. Селењето е планирано за следниот месец.

„За Управата се предвидени три ката од зградата, односно подрумските простории, приземјето и првиот кат. Во подрумот се сместени ќелии за лицата што ги задржуваме, со посебен влез кој води само до нив. За канцелариите во приземјето и на првиот кат од објектот има друг влез“, велат од Управата.

Финансиската полиција сега е сместена во поранешната зграда на Комерцијална банка до Камениот мост, зад барокниот Архив. Кога се најавуваше проектот „Скопје 2014“, Владата планира Финансиската полиција да се смести во кружната зграда меѓу МНР и АЕК на кејот на Вардар, заедно со Јавното обвинителство, но плановите се смениле, па за нив се одвоиле дел од канцелариите во зградата спроти МНР предвидена за Факултетот за драмски уметности и уште десетина државни институции.

Овој објект почна да се гради во април 2012 година и според најавите требаше да биде завршен до 2015 година, но изградбата се издолжи до 2017 година. Инвеститор на зградата е Службата за општи и заеднички работи на Владата, која за изведување на градежните работи склучи договор со „Гранит“ АД Скопје, а за изведување на фасадата, пак, склучи договор со „Бетон“ АД Скопје. Од планираните 20 милиони евра на почетокот на изградбата, зградата според сите склучени договори сега чини над 25 милиони евра. Има приземје, седум ката и потпокрив.

На барокната фасада пред две години, повторно по барање на Владата, беше поставен голем ЛЕД-екран од 250.000 евра.

 

(М.И.П.)