(ВИДЕО) Флоријан Бајбер за „Макфакс“: Имињата на аеродромот и на автопатот им бодат очи на Грците

(ВИДЕО) Флоријан Бајбер за „Макфакс“: Имињата на аеродромот и на автопатот им бодат очи на Грците

„Не смее да има одмазда на новата власт за настаните од 27 април, туку треба да се расчистат сите инциденти поврзани со целиот скандал по прислушувањето“, изјави Флоријан Бајбер, професор на универзитетот во Грац во интервју за „Макфакс“ на Белградскиот безбедносен форум, кој се одржува деновиве во главниот град на Србија. „Не е потребно само да се пратат виновниците во затвор, туку треба да стане јасно дека е неприфатливо да ги прислушувате граѓаните, да ги притискате медиумите да ги фалсификувате изборите. Тоа не е соодветно за европската интеграција“, рече Бајбер.

Во врска со зголемената дипломатска активност, професорот смета дека македонската влада има конструктивна улога за да го реши спорот за името, но додава дека довербата не се гради преку ноќ. Треба да се преземаат и натамошни чекори со кои ќе се одоброволи Грција да се тргне од максималистичките позиции за блокадата на Македонија, вели тој. „Претходната Влада преземаше непотребни провокации, како преименување на аеродромот и автопатот, чекори што му бодат очи на политичкиот противник“, смета Бајбер.

На прашањето за европската агенда на Македонија, Бајбер смета дека тоа е врвен приоритет на новата Влада. „ЕУ не е целта, туку реформите за попросперитетни и позадоволни граѓани“. Во интервјуто Бајбер говори дека законот за употреба на јазиците, кој е во собраниска процедура, е симболично прашање и дека Македонија за 10 години ја гледа како земја што ќе фати чекор со соседите во европската интеграција.