Формиран „Форум за Демократска Македонија“

Формиран „Форум за Демократска Македонија“

Форум за Демократска Македонија е група на иселеници од Република Македонија и нивните потомци од целиот свет, а формирањето на ова тело служи пред се за да се слушне гласот на демократски ориентираната иселеничка заедница, глас што можеби досега се слушаше само од поединци или од помали групи, велат од организацијата.

 

„Ние сме сите оние што и припаѓаат на широката заедница на демократски настроени и непартиски иселеници. Форум на сите оние со потекло од Република Македонија, но и на оние што се идентификуваат со неа. Отворен форум за размена и креирање на идеи и мислења за една демократска, граѓанска и европска Република Македонија. Не’ врзува заедничка мисла и заеднички корен, без разлика на етничката припадност. Ја почитуваме различноста. Многумина од нас се и државјани на Република Македонија. Многумина заминати да се усовршат, да научат, да напредуваат во кариерата, да го видат и да бидат дел од светот, да зависат од себе во сопствената професија или бизнис“, велат од Форумот.

 

„Многумина заминати за да создадат подобар живот за себе и своите семејства. Некои се родени надвор, но со блискост до Македонија пренесена од родителите, роднините или претците. Македонија не ни е професија. Ние сме оние што се прашуваат што можам јас да сторам за Македонија. Сакаме да ја видиме Македонија како демократска, прогресивна и просперитетна држава. Со здрава и стабилна демократија. За никој да не може и да не смее да ја краде или да ја присвојува за себе“, додаваат од организацијата.

 

Од Форумот додаваат дека сметаат оти доколку Македонија биде сплотена, тогаш таа ќе има и шанса за нов почеток. „Ќе поддржуваме, ама и ќе се спротивставуваме, ќе фалиме, ама и ќе кудиме. Ќе даваме идеи, ќе споделуваме искуства од нашата работа низ светот, ќе зборуваме јавно, но и ќе слушаме. Ние сме лицето на Република Македонија таму каде што живееме. Ќе ги поттикнуваме и ќе ги зајакнуваме врските на Македонија со државите во коишто живееме. Ќе ги јакнеме почитта и разбирањето, за да ги надминуваме историските проблеми и предрасуди. Ќе ги поддржуваме и поттикнуваме врските со сите други иселенички организации од Македонија кои работаат во интерес на демократска Македонија“, заклучуваат од организацијата./крај/мф