(ФОТО) Макфакс во посета на турската Црвена полумесечина во Анкара

(ФОТО) Макфакс во посета на турската Црвена полумесечина во Анкара

Играјќи клучна улога во згрижувањето на бегалците од Сирија, како и пред тоа, со нејзиното присуство во хуманитарна акции во балканските земји, Африка и Азија турската Црвена полумесечина последните неколку години се истакнува како значаен фактор во хуманитарните активности на глобален план. „Макфакс“ го посети централниот магацин за катастрофи на Црвената полумесечина во Етимесгут во Анкара од кој се испраќа хуманитарната помош во загрозените подрачја од целиот свет.

За тоа дека турската Црвена полумесечина денес е значаен актер на глобално ниво на планот на хуманитарната помош говорат податоците дека во периодот од 2003 до 2013 г. таа има реализирано 372 хуманитарни акции во 42 различни земји во светот и дека од своето основање до денес подала рака на повеќе од 90 земји. Црвена полумесечина е активна членка на Интернационалното движење на Црвениот крст и Црвената полумесечина. Израсната од Османлиско хуманитарно друштво за ранети и болни војници, формирано во 1868 г. од страна на група доктори- идеалисти таа е исто така и првата организација на Црвената полумесечина во светот. Во 1923 г. нејзиното име е преиначено во Турско друштво на Црвената полумесечина, за подоцна таткото и водачот на нацијата, Мустафа Кемал Ататурк, да ја именува како Црвена полумесечина. Денес оваа хуманитарна организација со својот персонал од пет илјади вработени и 700-те центри, со стотиците волонтери во 81 турска општина ширум Турција и во 957 земји од светот извршува големи задачи на повеќе хуманитарни фронта како обезбедување сместување, храна, облека, здравствени услуги и услуги во образованието за сиромашното население, задоволување на потребите од крв преку крводарителите, помагање на настраданите од природни и други катастрофи и сл.

„Турската Црвена полумесечина на внатрешен и меѓународен план делува според седумте основни начела на Меѓународното движење на Црвениот крст и Црвената полумесечина чија членка е – имено начелата на хуманост, непристрасност, неутралност, независност, волонтерска услуга, единство и универзалност“, истакнува генералниот директор на Црвената полумесечина Мехмет Ѓулуолу. Според податоците што ги добивме од Ѓулуолу, од март 2011 година во турските кампови биле сместени 270 илјади сириски бегалци, но 90 отсто т.е. од бегалците чиј број изнесува околу 3 милиони, се наоѓаат вон камповите. Црвената полумесечина заедно со сириските згрижува вкупно 4 милиони бегалци. Говорејќи за здравствените услуги што им се дадени на бегалците претседателот на организацијата Керем К’ник вели: „Досега во Турција се извршени еден милион поголеми операции врз сириски државјани, а 25 милиони им е дадена примарна здравствена услуга. Во турските болници се родени 210 илјади сириски деца. Се градат училници за 500 илјади ученици, што е број еднаков на бројот на ученици во повеќе европски земји, но реалните потреби се училници за уште 400 илјади сириски ученици“.

Црвената полумесечина има хуманитарни активности и на територијата на Сирија. „Во Сирија досега се испратени 40 илјади шлепери помош на 5 милиони настрадани од војната. На 9 илјади вдовици и сираци на територијата на Сирија им даваме редовна хуманитарна помош. Досега испративме 150 милиони килограми брашно, имаме изградено болница во регионот на т.н. „Еуфратски штит“ (Џерасин Да и Ел Баб и обезбедуваме вода и електрична енергија во тој регион“, подвлекува претседателот К’ник кој изразува незадоволство од поддршката на развиените европски земји за кои вели „тие требаа да го споделат овој хуманитарен товар со нас. Црвената полумесечина досега има добиено само 1 милијарда долари од 3-те милијарди долари предвидени со хуманитарната програма за бегалците, и изразува надеж дека поддршката од Европа повторно ќе започне“.

Црвената полумесечина е невладина организација чиј почесен член е претседателот на Република Турција и таа е хуманитарна организација со најраспространета, најефективна и најмоќна организациска структура во земјата. Таа поседува способност да одговори на катастрофи најдоцна во рок од два часа благодарение на инвестирањето во техничката инфраструктура и човечките ресурси од областа на менаџирањето со катастрофи и благодарение на зајакнувањето на локалните капацитети.

Од 1954 година турската Црвена полумесечина континуирано произведува шатори од висок квалитет во разни модели и димензии, кои можат да се користат во сите четири годишни времиња и во подолг временски период за привремено сместување на настраданите од разни катастрофи и несреќи. По добивање на статус на трговско претпријатие Црвената полумесечина дел од приходите ги добива и од оваа дејност. Таа работи и по нарачка, така што денес на простор од 6 250 квадратни метри во кампусот Етимесгут во Анкара, како и во работилницата во локалниот центар за справување со катастрофи во Ерзинџан се произведуваат разни видови шатори. Еден дел од приходите Црвената полумесечина се добиваат и од производство на флаширана минерална вода во првата и најголемата фабрика за минерална вода во Турција, Балканот и на Блискиот Исток. Денес во фабриката во Ерзинџан во Источна Турција се произведуваат околу 50 илјади шишиња минерална вода на час. Продажбата на класична минерална и минарална вода со вкус на разно овошје достигнува сериозни цифри, еден дел од приходот се користи за услугите на Црвената полумесечина од областа на социјалната помош и помош при катастрофи.

Како организација која одблиску се грижи за јавното здравје Црвената полумесечина ја презела и мисијата на основање на трансфузиолошки центри ширум Турција. Првиот од нив бил формиран 1957 г. Денес таа поседува 15 регионални трансфузиолошки центри, 62 крводарителни центри и мобилни крводарителни единици во земјата. Со проекти за крводарителство кои ги води оваа организација од 2008 година стапката на крводарителство е зголемена четирипати во однос на почетокот на проектите. Таа има зацртана цел да ги задоволи годишните потреби од 2 милиона и 100 илјади единици крв во земјата преку донатори и волонтери.

За помош во услугите од јавното здравје Црвената полумесечина основала диспанзери за дијагностицирање и лекување. Првиот диспанзер бил отворен во Истанбул во 1950 г. Диспанзерите со текот на времето во согласност со зголемениот интерес на јавноста израснале во модерни медицински центри и болници, така што денес Црвената полумесечина има 3 медицински центра и 2 болници опремени со модерна технологија и стручњаци од сите области како и 35 центри за прва помош.

Турската полумесечина како организација која делува и вон природни и хуманитарни катастрофи има направено голем подем во социјалните услуги од кои се исползуваат повеќе од 300 илјади жители. Во текот на цела година во 13 народни кујни се служи топло јадење за сиромашните граѓани. На старите, изнемоштени и болни луѓе кои не можат да доаѓаат сами во кујните во специјални контејнери им се носи храна дома. Во соработка со ланецот на големи продавници, со донациите на граѓаните и од сопствените средства на Црвена полумесечина се подготвуваат прехранбени пакети кои им се делат на граѓаните со потреби од таков вид помош. Од друга страна, се дава парична помош и со Проектот за платежна банковна картичка, кој се смета за најголема програма за парична помош во светот и која се води заеднички од ОН, ЕУ, повеќе турски министерства и институции со кој на оние кои имаат потреба наместо понудената им дава можност да ја купат храната која им е навистина потребна. Генералниот директор Ѓулуолу истакнува дека овој проект бил започнат со 350 милиони евра и достигнува денес сума од 650 милиони евра, а зацртаната цел е сума од 1 милијарда евра.

Асуде А. Кочан