ФПСМ оформи комисија за истражување на смртта на планинарите на Кајмакчалан

ФПСМ оформи комисија за истражување на смртта на планинарите на Кајмакчалан

Федерацијата на планинарски спортови на Македонија оформи специјална комисија, составена од нејзини членови и екперти, за истражување на трагичниот настан во кој загинаа македонските планинари Калина Велевска и Александар Миновски на Кајмакчалан.

„Федерацијата со огромна тага и неверување ја прими информацијата за трагичната несреќа што се случи за време на планинарската тура организирана и реализирана од Планинарскиот клуб ‘Трансверзалец’ и уште во текот на вчерашниот ден оформи специјална комисија составена од наши членови и екперти за немилиот настан. Комисијата ги очекува сите релевантни податоци од надлежните институции во Република Македонија и соседна Република Грција, како и официјалните податоци од организаторот на планинарската експедиција“, велат од Федерацијата.

Од таму велат дека од огромна важност е да се направи темелна анализа за трагичниот настан.

„Болката и тагата за прерано згаснатите животи не може да се надомести со ништо, но вистината за трагичниот настан заслужува да ја знаат семејствата, планинарите и нашите членови. Во меѓувреме сакаме да се воздржиме од шпекулации и дезинформации за настанот затоа што ваквите настани заслужуваат темелна и длабока анализа во соработка со сите надлежни институции. По добиените официјални информации и сознанија ФПСМ ќе излезе со свој став по повод немилиот настан“, се вели во соопштението.

Претходно Планинарскиот „Трансверзалец“ најави дека во наредните денови, најдоцна до петок, ќе се обрати во врска со трагедијата што се случи на Кајмакчалан.