Харадинај: Како партнер на НАТО, Косово заслужува своја армија

Харадинај: Како партнер на НАТО, Косово заслужува своја армија

Како партнер на НАТО, Косово заслужува своја армија, изјави премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, говорејќи во рамки на конференцијата „НАТО и Западен Балкан: Регионална динамика во ерата на предизвиците на глобалната безбедност”, којашто се одржува во Приштина.

„Косово заслужува членство во НАТО. Сакаме НАТО да остане во Косово. Вложуваме напори да создадеме вооружени сили на Косово и веруваме дека до 2020 година ќе го завршиме процесот за членство во НАТО. Гледаме на Алијансата како на посебен фактор за стабилност во регионот, особено кога станува збор за борбата против радикализмот. Вооружените сили на Косово ќе го помогнат овој процес и ќе ја гарантираат безбедноста на сите граѓани на Косово“, истакна Харадинај.

Според неговите зборови, сите земји од регионот се соочуваат со различни предизвици истакнувајќи ги како примери – влијание на Русија врз Балканот, екстремизмот, организираниот криминал, сајбер нападите и социо-економските турбуленции.

Харадинај ја истакна позитивната улога на НАТО за надминување на овие проблеми, повторувајќи уште еднаш дека Косово треба да има сопствена армија за да дејствува заеднички со Алијансата за справувањето со наведените предизвици.