Хелсиншки комитет: Марко Зврлевски се меша во автономијата на СЈО

Хелсиншки комитет: Марко Зврлевски се меша во автономијата на СЈО

Јавниот обвинител Марко Зврлевски да престане да се замешува во автономијата на СЈО, а Врховниот суд барањето за заштита на законитоста на Јавното обвинителство на РМ да го отфрли како недозволено бидејќи е поднесено од ненадлежен орган, пишува во најновиот месечен извештај на Хелсиншкиот комитет.

Од организацијата бараат Министерството за внатрешни работи да ја искористи картата од порталот на Хелсиншкиот комитет на која се мапирани „црни точки“ каде најчесто се извршуваат делата од омраза, да вложи повеќе напори за откривање на сторителите и да делува превентивно во насока на спречување на ваквите инциденти во иднина.

Дополнително, Хелсиншкиот комитет бара ЕВН да ги почитува законските прописи кога станува збор за исклучување на корисници од користење на електрична енергија врз основ на неподмирен долг кон ЕВН. Од Хелсиншки пишуваат дека е потребно со сигурност да се утврди дали за факти кои се однесуваат на неплатите обврски од користење на електрична енергија има правосилна одлука од надлежен суд, од која пак со сигурност може да се утврди дали постои или не постои долг врз основа на кој биле исклучени од електрична енергија.

Хелсиншкиот комитет за човекови права го поздравува примерот со Државниот инспекторат за труд од Крива Паланка, кој постапил согласно законот и надлежностите, за прекршување на работничките права и штрајк за неисплатени плати и придонеси. „Потенцираме дека казнувањето на работодавецот и плаќањето на изречената глоба не го менува фактот што работничките остануваат без плата и придонеси и тоа веќе за два последователни месеци, јануари и февруари 2017 година. Континуираната инертност на работодавците од овие индустрии на нивните обврски кои произлегуваат од законите, договорите за вработување и колективните договори од овие индустрии, е повеќе од загрижувачка“, пишува во извештајот.

Од Хелсиншкиот комитет потенцираат дека продолжува праксата на Управниот суд да ги потврдува решенијата со кои се одбива барањето за прием во државјанство на Република Македонија.