Хуманитарна изложба во Кавадарци

Хуманитарна изложба во Кавадарци

Во Домот на културата „Иван Мазов Климе” од Кавадарци денеска ќе биде одржана хуманитарна изложба на која ќе  бидат изложени дела од тројца уметници, како и слики од децата од Дневниот центар за лица со посебни потреби „Свети Кирил” од Скопје и од нивните родители.

 

Претставник на Центарот, Олгица Георгиева, информираше дека установата постои три години и за тоа време таму биле згрижени 42 деца со посебни потреби.

 

„Со нив работат физиотерапевт, логопед, психолог, педагог, професор по ликовна уметност“, рече Георгиева.

 

Изрази благодарност до општина Кисела Вода, која им доделила објект за Центарот.

 

„Се работи за поранешно училиште кое било напуштено петнаесет години. Го реновиравме и адаптиравме самите. Сега условите се идеални за децата. Меѓутоа, сè уште фалат многу работи. Константно има потреба од обновување на дидактичките материјали. Ни фали ограда, уште сензорна интеграција. Сакаме и кујна бидејќи јас во саботите самоиницијативно ги обучувам децата кои се заинтересирани да готват“, рече Георгиева.

 

Во Кавадарци беше и Розе Мојсовска, лице со посебни потреби кое црта со помош на устата.

 

– Пресреќна и презадоволна сум од изложбата. Сакам да порачам дека и ние со посебни потреби можеме да работиме на специфичен начин, нагласи Мојсовска.

 

крај/мф/ем