Х.Е.Р.А. и Коалицијата „Маргини“: Во сеопфатната стратегија за образование не е вклучен ниеден наш предлог

Х.Е.Р.А. и Коалицијата „Маргини“: Во сеопфатната стратегија за образование не е вклучен ниеден наш предлог

Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување Х.Е.Р.А. и Коалицијата „Маргини“ денеска изразија загриженост и револт по повод донесувањето на сеопфатната стратегија за образование 2018-2025 од страна на Министерството за образование и наука.

„Ви се обраќаме за да ја изразиме нашата загриженост поради непрепознавањето на аспектите поврзани со недискриминација и силеџиство по основ на род, сексуална ориентација, родов идентитет и воведување на сеопфатното сексуално образование како основна мисија на работење на нашите организации“, стои во соопштението.

Од Х.Е.Р.А. и Коалицијата „Маргини“ наведуваат дека и покрај тоа што биле потпишани меморандуми за соработка со МОН и биле вклучени во поднесување коментари и предлози за унапредување на стратегијата од аспект на ревизија на наставни планови и учебници, воведување сексуално образование и преземање мерки за превенција и заштита од насилство и силеџиство во училиштата, ниедна од нивните сугестии не била земена предвид во финалната верзија од стратегијата.

„Уште повеќе, и покрај нашето инсистирање да добиеме одговори дали и зошто нашите предлози не се земени предвид во финализирањето на стратегијата, не добивме никакви повратни информации од страна на Министерството“, реагираат двете организации.

Оттаму додаваат дека вака организираниот процес на донесување важен стратешки документ ги урива принципите на транспарентност и партиципативност, особено на активна вклученост на граѓанските организации во донесувањето важни општествени промени во образованиот систем.

„Посочениот однос кон граѓанските организации кои имаат цел да бидат партнери на Министерството и кои со години се залагаат и вложуваат во унапредување на состојбите во образованието е несериозен и игнорантски и ги поткопува демократски принципи што новата Влада се заложи да ги почитува и вреднува“, наведуваат од Х.Е.Р.А. и Коалицијата „Маргини“.