ЦУК: Пожарот околу манастирот Трескавец ставен под контрола

ЦУК: Пожарот околу манастирот Трескавец ставен под контрола

Пожарот во близина на манастирот Трескавец и населените места Мажучиште, Мараморани и Горно Село во Прилепско е ставен под контрола, информира денеска Надица Вчкова од Центарот за управување со кризи.

– Во општина Македонски Брод во моментот активен е пожарот во атарот на село Грешница, а пожарите кај селата Растеш, Волче, Заград и Брест се ставени под контрола. Во моментот во овој регион ангажирани се екипи на ЈП „Македонски шуми“ – Македонски Брод. Пожарот кај м.в. Фрлогоец на Бистра Планина е сè уште активен. Горат сува трева, смрека и нискостеблести дрва, а интервенираат екипи на ШС „Лопушник“ – истакна Вчкова.

Според неа, активни пожари има кај м.в. Јасеновска Глава во Велешкиот Регион, кој зафаќа површина на подрачјето и на општина Прилеп каде што горат нискостеблеста шума и сува трева, а интервенира и еден хеликоптер на АРМ. Активен е и пожарот на подрачјето на село Галиште, општина Кавадарци, каде што горат сува треба, смрека и ниска дабова шума и се шири под селото, од правец на м.в. Србиново. Еден крак се движи кон Црна Река, а другиот крак се движи кон селото Гуѓаково. Пожарот кај Мушов Гроб – Мрежичко е ставен под контрола.

Вчкова информира дека активен пожар има во близина на селото Крушевица каде што теренот е непристапен, а зафатена е деградирана шума. Во гаснење на пожарот ангажирани се лица од ЈП „Црн Бор“ – Прилеп и месно население. Пожарот кај село Никодин сè уште е активен и се наоѓа во уредена шума. Ангажирани се вработени од ЈП МШ „Црн Бор“ – Прилеп.

Во Тетовскиот Регион има активни два пожара, едниот во општина Брвеница, на кој интервенираат екипи на „Македонски шуми“ и на ДЗС и во село Балиндол над рудникот.