Четири нови книги од македонски автори

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје објави еден роман, една поетска збирка, збирка расказа и книга за деца како дел од најновата продукција од домашни автори на оваа издавачка куќа.

Непосредно пред годинашниот Саем на книгата од печат излезе романот „Се гледаме наскоро. Е.“ од Драгана Евтимова и Владимир Лукаш. Во овој епистоларен роман Евтимова и Лукаш, преку своите писмописци и раскажувачки гласови – Еписторија и Еписторие, соодветно успеваат, освен реалистичната постапка и секојдневјето, да вметнат и нота на надреализам, микрораскази од руски тип налик на оние на Хармс, извадоци од весници и од списанија, книжевни критики, па сè до делови што личат како репортажи од „Нешнл џиографик“.
Најновиот, четврти по ред, поетски ракопис на поетесата Снежана Стојчевска, уште со насловот „Треба да е лесно“ на ефектен начин асоцира на нејзината препознатлива поетика, во која се потврдува начелото на Р. Тагоре дека за убавите песни имаме чувство дека ние сме ги напишале.
Збирката „Шех Вардар“ од Ленче Милошевска, пак, опфаќа дваесет и пет раскази, поделени во три циклуси. Прозните текстови во оваа книга се лични стории и сеќавања, главно сместени во главниот град, иако дел од нив, оние од детството, се лоцирани и на село, со носталгично и топло чувство за дедото што знаел убаво да раскажува. Книгата опфаќа и случувања за кои поретко се пишува во нашата книжевност, војните и конфликтите по распадот на поранешна Југославија и, во таа смисла, и интимните доживувања во семејството. Она што ја прави особено интересна оваа книга се многубројните раскажувања врзани за старото и новото Скопје.
Неодамна излезе и „Слики од детството“ од Александар Кујуџиски, збирка со 55 кратки раскази за деца – „слики“ што авторот ги посветил на своето детство „претрчано во родното Пехчево“. Преку овој зборосплетен ѓердан од вистински згоди и настани, доживеани и повторно оживеани под перото на Александар Кујунџиски, може да се согледа едно дамнешно детство во исконска сплотеност со природата; со ливадите, горите, ридјето, планињето и со нивниот растителен и животински свет… крај/мф/