Чешка: Земан и Драхош ќе ги одмерат силите во вториот круг од претседателските избори

Чешка: Земан и Драхош ќе ги одмерат силите во вториот круг од претседателските избори

Актуелниот чешки претседател Милош Земан и поранешниот прв човек на Чешката академија на науките, Јиржи Драхош ќе ги одмерат силите во вториот круг од претседателските избори во Чешка, што ќе се одржат 26 и 27 јануари. Според преброени над 95 отсто од гласачките ливчиња од првиот круг на изборите, Земан освоил 39 отсто од гласовите, додека за Драхош гласале 26,3 проценти од Чесите што го искористија своето избирачко право.

На третото место се пласира поранешниот дипломат Павел Фишер, кој добил околу 10 отсто од гласовите, а по него се Михал Харачек со 8,8 и Марек Нишлер со 8,7 отсто од гласовите.

За победа во првиот круг на еден претседателски кандидат му е потребно да освои над 50 проценти од гласовите. Земан ја има поддршката на левата популистичка Партија за права на граѓаните (СПО), што тој ја формираше во 2009 година. Тој е познат по своите евроскептични ставови, критиките кон ЕУ и противењето на миграцијата, а многумина го обвинуваат и за проруска ориентираност.

Кандидатурата на Драхош ја поддржаа Христијанската и демокраска унија (КДУ) и либералната партија Градоначалници и независни (СТАН). Тој е ново име на чешката политичка сцена, важи за прозападно ориентиран политичар, кој во предизборието ветуваше намалување на поларизираноста на чешкото општество. Ова се втори директни претседателски избори во Чешка, по оние во 2013 година. Претходно, шефот на чешката држава го избираше парламентот.