Чичаковски ќе ги донира парите за проекти за лицата со хендикеп

Чичаковски ќе ги донира парите за проекти за лицата со хендикеп

Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Чичаковски, ќе ги донира парите за проекти за лицата со хендикеп. Тој за „Макфакс“ изјави дека во текот на денот ќе се сретне со претставници на невладината „Полио плус“ за да се договорат околу начинот на трансакција на парите.

– Нема да се враќаат во буџетот, парите ќе ги донирам за проекти за унапредување на граѓанските и политичките права на лицата со хендикеп. За повеќе информации околу донацијата, ќе бидете дополнително известени, рече Чичаковски.

Вчера на седница на ДИК членовите одлучија поединечно да се изјаснат кој што ќе прави со парите кои зад затворени врати си ги доделија како дополнителен надоместок, а ги обелодени американскиот амбасадор Џес Бејли. Сите членови јавно рекоа дека парите ќе ги вратат, а вината за нетранспарентноста ја префрлија кај службите кои навреме не ги објавиле одлуките на веб-страницата на ДИК.

Според Одлуката за исплата на надоместоците за спроведувањето на последните локални избори и Правилникот за определување на надоместоци, донесена на затворена седница на 16 ноември, членовите на ДИК си изгласале бонуси во висина од четири и две дополнителни плати. Четири дополнителни нето исплатени плати добиле претседателот на ДИК, Александар Чичаковски, заменик-претседателот Реџеп Прекопуца, како и членовите на комисијата Атанас Урумов, Виолета Дума, Игор Милев, Субхи Јакупи, Сашо Срцев и Силвана Бонева. Бедредин Ибраими, предложен од ДПА, и Ермира Асани Салија, која седна на неговото место предложена од Беса, добиле дополнителни две нето исплатени плати.

Инаку за закажаните, а неодржани избори во април минатата година членовите на ДИК си поделиле три плати. Пет плати бонус, пак, зеле за предвремените парламентарни избори, што ако се сумира вкупно, станува збор за 12 дополнителни плати во периодот од година и половина, односно 30 плати за 18 месеци.

Г.Н.Р