Швајцарците влегуваат во „Фени“, рестартирање за 2-3 недели

Швајцарците влегуваат во „Фени“, рестартирање за 2-3 недели

Одборот на доверители на „Фени“ во стечај склучи договор со швајцарското друштво GSOL за преработка на никелова руда за месечен надомест од 1.200.000 евра. Фабриката ќе почне со работа за две-три недели кога ќе заврши набавката на руда.

Одборот на доверители одлуката ја донел едногласно на 30 јануари со цел производствените капацитети, кои влегуваат во стечајната маса, да ги заштити од натамошно пропаѓање и намалување на нивната вредност.

Од GSOL најавуваат дека ќе влезат во фабриката следната недела, а со производство ќе почнат за две-три недели, време што им било потребно за набавка на руда. Сите вработени остануваат на работа, а средствата од 1,2 милион евра се наменети за плати и трошоци за фабриката.

Во исто време со рестартирањето на фабриката ќе тече и стечајната постапка. Следното рочиште е закажано в среда во судот во Велес.

Стечајната постапката продолжува кога Апелацискиот суд во Скопје ја отфрли жалбата на „Кунико рисорсис“, досегашниот сопственик на „Фени“, кој смета дека не се исполнети условите за стечај на фабриката.

(М. И. П.)