Шекеринска: Враќањето на Македонија на патот кон ЕУ и НАТО ќе донесе стабилност

Шекеринска: Враќањето на Македонија на патот кон ЕУ и НАТО ќе донесе стабилност

Забележан е прогрес во реформите и Балканот повторно е во фокусот на Европската Унија, беше заклучено на денешната средба на министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, и делегацијата од ЕУ, предводена од Жан-Кристоф Белијард, политички директор во службата за надворешна политика на Унијата.

На средбата присуствуваа и Ангелина Ајхорст, директор за Западна Европа, Западен Балкан и Турција, како и евроамбасадорот Самуел Жбогар.

„Владата на Република Македонија, заедно со Собранието и другите институции, е фокусирана на реформите од програмата 3-6-9. Ние цврсто веруваме дека враќањето на земјата на патот кон интеграцијата во Европската Унија и НАТО ќе придонесе за домашната и регионалната стабилност и за овие процеси очекуваме поддршка од Европската Унија“, рече министерката Шекеринска.

Политичкиот директор Белијард истакна дека новата позитивна атмосфера е јасно видлива и дека има повеќе елементи што ќе му помогнат на Балканот како целина, а еден од нив е и претседателството на Бугарија со Унијата. Тој истакна дека нашата држава треба да се фокусира на реформите и дека на Македонија повторно се гледа како на добар пример, со што се создава позитивна атмосфера во Европската комисија.

Министерката го посочи и фактот дека во Македонија постои целосен консензус за интеграцијата во НАТО и во Европската Унија и дека кога граѓаните и институциите гледаат дека регионот се враќа на агендата на ЕУ, расположението за реформи е многу посилно.

Шекеринска додаде дека Македонија сака да биде дел од европските одбранбени програми и дека Министерството е посветено на одбранбените реформи и изработката на клучни документи, како стратегискиот одбранбен преглед, но и на регионалната соработка и придонесот кон мирот и безбедноста преку учество во мисиите на НАТО, Европската Унија и на Обединетите нации.