Шилегов и Каминис договорија соработка меѓу Скопје и Атина во повеќе области

Шилегов и Каминис договорија соработка меѓу Скопје и Атина во повеќе области

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, и градоначалникот на Атина, Јоргос Каминис, денеска во Атина имаа прва официјална средба која се случува во период на интензивни дијалози помеѓу двете земји.

„За нас како носители на локалната власт оваа средба претставува почеток за поблиска соработка меѓу двата града со која сакаме да создадеме услови за поголем развој на регионот и регионалната стабилност. Имајќи предвид дека нашите граѓани се соочуваат со исти предизвици во секојдневното живеење, размената на искуства и продлабочувањето на соработката ќе придонесат заеднички да учествуваме во изнаоѓање решенија за современите потреби на нашите сограѓани. Во таа насока, го вложуваме целиот наш потенцијал да создадеме подобри услови за живеење и да го подигнеме квалитетот на живот на граѓаните на Скопје и Атина“, изјави Шилегов.

Тој додаде дека меѓусебната соработка на градовите значи отворање нови можности за развој и напредок, и поради тоа го отвораат патот кон меѓусебно приближување. Нагласувајќи дека целта е тоа да биде во интерес на нашите сограѓани и заеднички да учествуваат во унапредувањето на иднината на градовите внатре во европското семејство.

Каминис рече дека на средбата била договорена соработка во неколку полиња и дека во следните неколку денови ќе го посети Скопје.

„Од првиот ден од изборот на градоначалникот Шилегов, ние сме во комуникација. Тој е прогресивен и модерен политичар кој го разбира значење на добрата соработка меѓу градовите. На оваа прва средба договориме соработка на неколку полиња како социјалната политика, климатските промени и дигитализацијата, а во наредните недели ќе оствариме посета на Скопје каде што ќе потпишеме и меморандум за соработка. На денешната средба ние разговаравме за соработка која ќе ја зголеми довербата и ќе создава политика на оптимизам меѓу двата града и двете земји“, рече Каминис.