Шилегов: Скопје не е повеќе вмровски град!

Шилегов: Скопје не е повеќе вмровски град!

„Да му го зададеме последниот удар на режимот, на бандата на Груевски“, со овие зборови кандидатот за градоначалник на град Скопје, Петре Шилегов, го почна говорот на централниот митинг на СДСМ и коалицијата, пред Владата.

„Од Скопје направија свој вилает, направија што сакаа, поставуваа споменци среде ноќ како најголеми криминалци на светот и сечеа дрвја на полноќ шитетни од полиција, менуваа урбанистички планови во три наутро… Водно го упропастија“, рече Шилегов.

„Скопје, скопјани, Македонија, граѓаните на Македонија да им дадеме црвен картон“, додаде Шилегов.
Тој рече дека нема да садат палми и вети дека изгубеното зеленило ќе го надоместат. „За 4 години, Скопје ќе стане зелен град, а не град на стиропор и необарок“, рече Шилегов, кој најави и гасификација на градот.

Кандидатот за градоначалник на СДСМ и коалицијата рече дека Скопје ќе биде отворен и услужен град, вети комбиниран јавен градски превоз, растоварување на сообраќајниот метеж, вети поврзување на општините Аеродром и Кисела Вода… „Сите ќе бидеме едно“, рече Шилегов. „Ќе има соживот, пријателство и разбирање“, додаде кандидатот за градоначалник, барајќи ја довербата на граѓаните на претстојните локални избори.

Шилегов вети дека на скопјани ќе им овозможат да засадат дрво за секое новородено дете. Секој граѓанин на градот да има дрво кое ќе го негува. Тој на крајот му го честиташе роденденот на лидерот на партијата и премиер, Зоран Заев.