МАКФАКС

Што вели светот за Бурческа? – Јана: Тоа што сум фаворит не ми создава притисок

Што вели светот за Бурческа? – Јана: Тоа што сум фаворит не ми создава притисок
11.04.2017, 23:20

Македонската евровизиска делегација, преку соопштение ја информираше јавноста дека првата станица од десет дневната промотивна турнеја на Јана Бурческа беше учество на првата и најстара евровизиска забава во Лондон.

Десеттото јубилејно издание и годинава се одржало во реномираното „Café de Paris“ во срцето на Лондон, а на забавата освен дваесет и еден годинашен евровизиски претставник, пред публиката настапиле и големите евровизиски диви и победнички на Евровизија, а тоа се Руслана и Кончита.

Симпатии и поддршка од новинарите

Јана Бурческа била дочекана од новинарите со голема возбуда и желба да ја запознаат девојката којашто годинава пее една од песните кои се фаворит. Според делегацијата на Македонија, таа била спонтана и непосредна во своите одговори и со часови се задувала во прес центарот. Тие велат дека беспрекорниот англиски јазик, направил таа да звучи сосема природно и да ги даде најдобрите интервјуа за новинарите во текот на денот. Еден од најголемите успеси на претставничката од Македонија било интервјуто дадено за утринско шоу „Good morning Britain“.

„Dance Alone“ има поинаква верзија за живиот настап во Киев

Второто издание на „Israel Calling“, донело нова возбуда, бидејќи Јана со овој настап ја промовирала и новата верзија на „Dance Alone“, којашто наместо со инструментален дел како на видео записот, започнувала во рефрен. Оваа верзија е официјална и за сценскиот настап во Киев.

Турнејата завршила со учество на официјалната евровизиска забава „Eurovision in concert“, поддржана од ЕБУ, кадешто годинава настапиле рекорден број изведувачи; дури 35 од вкупно 43 земји учеснички годинава се дел од овој промотивен настан.

Уште една ексклузивност за нашиот тим била можноста за настап на официјалната забава на ОГАЕ Холандија. Главни ѕвезди на овој концерт биле нашите Тијана и Тамара, коишто ја поканиле Јана да им се придружи на сцената и да ја отпее пред публиката „Dance Alone“, изразувајќи огромна поддршка за својата колешка.

„Тоа што сите ја истакнуваат „Dance Alone“ како еден од фаворитите, воопшто не ми создава притисок, напротив силно ме мотивира да го дадам најдорото од себе во Киев. Промотивната турнеја беше одлична подготовка за Евровизија и можност за усовршување, премногу сум возбудена и едвај чакам да заминам за Киев и повторно да ги сретнам моите евровизиски колеги, со коишто навистина се зближивме овие десет дена и морам да кажам дека енергијата меѓу учесниците е фантастична“, вели Јана Бурческа.

Сите ја знаат и пеат „Dance Alone“

Евровизиската „Dance Alone“ е со сигурност една од омилените евровизиски песни годинава. Најчестите коментари од фановите и медиумите говорат за тоа дека македонската евровизиска песна е меѓу топ пет, топ три или песна фаворит годинава. За тоа не говори само одличниот прием од страна на публиката на промотивните концерти, туку и бодовите коишто фановите најчесто ги давале за песните на специјалната апликација за бодување.

Возбудата за „Dance Alone“ продолжува понатаму, а најголем интерес медиумите покажале за сценскиот настап и за тоа на кој начин песната ќе биде претставена на евровизиската сцена.

Македонската евровизиска делегација за Киев заминува на 1 мај, а последните три недели пред заминувањето се посветени токму на усовршување на сценските движења, вокални вежби, како и финални проби за костимот на Јана, којшто го изработува нашиот моден дизајнер Антонија Ристовска. Неделава се доснимуваат и кадри за официјалната разгледница./крај/мф/кл

Поврзани написи

Макфакс е-билтен

Email *