Штрајкот не ги премисли банките, не го повлекуваат стечајот за „Фени“

Штрајкот не ги премисли банките, не го повлекуваат стечајот за „Фени“

Штрајкот на дел од вработените во „Фени“ пред локалните филијали на Комерцијална,  Стопанска и на банката „Силк роуд“ во Кавадарци не ги премисли банките. Тие остануваат на ставот дека состојбите во металуршкиот комбинат треба да се решаваат преку стечај. Преку штрајк денес вработените во „Фени“ побараа повлекување на стечајот за фабриката, бараат платите да им се исплаќаат во целост и до продажба на фабриката да имаат статус на вработени.

„Банките веќе го соопштија својот став во соопштението до јавност на 3.11.2017 година, во кое беше презентиран одговорот на барањето за повлекување на предлогот за поведување стечајна постапка и на одлуката за организирање јавен собир за изразување јавен интерес, до синдикалната организација на СИЕР при ‘Фени индустри’. Во известувањето потенциравме дека евентуалното прекинување на претходната стечајна постапка ќе значи и прекин на покривањето на сите трошоци за одржување на неопходните функции на ‘Фени индустри’, а целата одговорност од опструирањето на стечајната постапка и евентуалните дополнителни штети ќе падне на товар на сегашниот сопственик и на официјалните синдикални претставници на вработените“, велат од Комерцијална банка.

Од таму известија дека во понеделникот имале состанок со синдикалните претставници на „Фени“. На средбата им било презентирано дека во сегашната состојба поведувањето стечајна состојба е единственото решение со кое „Фени“ може да се реструктуира, реорганизира и да продолжи со работа по завршување на постапката. Синдикалците побарале гаранции за исплата на октомвриската плата, но не ги добиле.

„Последната септемвриска плата им е исплатена на вработените на 27.10.20117 година. Со евентуалното поведување стечајна постапка статусот на вработените и исплатата на платите за ангажираните работници ќе се одвива според актуелниот Закон за стечајната постапка и Законот за работните односи. Гаранции за исплата на платите не може да дадат банките бидејќи тие не им се работодавци на вработените во ‘Фени индустри’. ‘Фени’ се` уште има сопственик, а натамошниот тек на настаните ќе се одвива според евентуалната стечајна постапка“, велат од Комерцијална.

Во однос на тоа дали се појавиле нови инвеститори и дали се во тек преговори, банките велат дека се отворени за разговори со сите заинтересирани потенцијални инвеститори. Со понатамошниот тек на настаните и низ евентуална постапка за стечај, според банките, ќе се презентираат сите потенцијални заинтересирани. Постапката е и сега отворена за секој инвеститор кој во рамките на законските прописи ќе може да обезбеди „Фени“ успешно да работи и да ги сервисира обврските кон сите доверители и вработените, е ставот на банките.

Рочиштето на кое ќе се разгледува можноста за отворање стечај за „Фени“ е закажано за 13 ноември. Денеска од фабриката известија дека обезбедиле струја за работота на печката токму до 13 ноември.

(М.И.П.)