Јовановски: СДС прави анекс-договор од 850.000 евра на веќе завршен автопат

Јовановски: СДС прави анекс-договор од 850.000 евра на веќе завршен автопат

Крсте Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција ја обвини владејачката партија дека прави штетни анекс-договори и дека намерно го одолговлекува пуштањето во употреба на автопатот Демир Капија–Смоквица.

„Владата на СДС на веќе завршен автопат, кој се чека да се пушти во употреба, прави анекс на договор со подизведувачите кој чини 850 илјади евра, пари кои ќе бидат платени од државниот буџет. Значи готов автопат, намерно го одолговлекуваат поради изборите, а граѓаните тоа ќе го платат со 850 илјади евра. Скандалозен анекс кој не се однесува на градежни работи туку на надзор“, рече Јовановски.

Тој додаде дека со ова се врши директна злоупотреба на парите на граѓаните и отвора сомнеж за тежок криминал кој СДС, Заев и Сугаревски свесно сакаат да го направат.

„Погледнете ја оваа снимка каде што директно покажува дека автопатот Демир Капија – Смоквица е целосно готов, но владата на СДС и Зоран Заев не го пуштаат во употреба пред избори само затоа што автопатот е изграден во време на ВМРО-ДПМНЕ.

Според снимката што ја погледнавте, фактичката состојба на терен покажува дека автопатот е готов и подготвен за возење, но поради лични хирови на Зоран Заев и СДС свесно се одолговлекува неговото пуштање, а граѓаните се принудени да кружат по споредни патишта“, нагласи Јовановски.

Тој рече дека новиот автопат се протега од излезот на Демир Капија преку село Миравци до Смоквица каде што се поврзува со постојниот автопат.

„Има две клучки, кај Миравци и кај Смоквица, два тунела долги по 1.200 метри, шест моста со должина до 100 до 500 метри, шест натпатници и два потпатника. Со неговата изградба на овој автопат патувањето од Гевгелија до Демир Капија е скратен од 40 на само 15 минути, а инвестицијата изнесуваше 218 милиони евра. Оваа инвестиција да беше ВМРО-ДПМНЕ на власт до сега ќе беше готова, а Македонија ќе имаше нов автопат“ рече на крајот Јовановски на прес-конференцијата.