Јордан Плевнеш во париски „Монд”

Јордан Плевнеш во париски „Монд”

По серијата предавања на Сорбона, угледниот париски „Монд“, еден од највлијателните весници во светската информативна  сфера, го објавува политичкиот есеј на познатиот македонски писател Јордан Плевнеш под наслов „Макрон, нова шанса за Европа и интеграцијата на Балканот во ЕУ.”

Текстот е објавен на уводното место во рубриката „Идеи“ истиот ден кога Емануел Макрон беше инаугуриран во Елисејската палата. Оригиналната анализа на историските парадокси на европската идеја низ вековите, Плевнеш како интернационално осведочен балканофил, ја започнува со мислата на Никола Бувие дека „Срцето на Европа се наоѓа на Балканот, а умот е ситуиран меѓу Париз и Берлин”.

Тектонските промени со излегувањето на Велика Британија од ЕУ во европската структура го наведуваат авторот на заклучокот дека наместо европеизација на Балканот ќе се случи Балканизација на Европа и дека малите народи и држави на Стариот континент ќе бидат единствените бранители на европскиот идеализам.

Монд дава посебно значење на симпозиумот „Хамлет и Европа, да се биде или не”, што по повод десетгодишнината на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА се одржа во Скопје. На тој настан претседателот на Европската академија на науките уметностите и книжевностите Жан Патрик Конрад ја инаугурира „Academia Balkanica Europeana“, во која се избрани триесeтина врвни уметници од сите балкански земји, кои ќе го остварат својот цивилизациски сон со интеграцијата во Европската Унија. крај/мф/