ЈСП: Бесплатниот превоз се укинува денеска, а не утре

ЈСП: Бесплатниот превоз се укинува денеска, а не утре

Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) соопшти дека бесплатниот превоз се укинува денеска, а не утре како што претходно соопштија од Владата и од Град Скопје.

На веб-страницата на ЈСП стои дека мерките за бесплатен превоз во автобусите на ЈСП и на приватните превозници престанува од 16 часот, 10 јануари.

Од Град Скопје, пак, претходно соопштија дека мерките против загадувањето, а со тоа и јавниот градски превоз, се укинуваат од утре.

„По добиените информации од Министерството за животна средина и просторно планирање дека среднодневните концентрации на ПМ 10 (200 µг/м3) се под дозволената граница, односно само 1 мерна станица покажала поголемо загадување од дозволениот праг на загадувачките материи во воздухот, Градот Скопје ги известува граѓаните дека се укинуваат вонредните мерки и интервентните препораки за намалување на загадувањето на воздухот што беа воведени на 8 јануари. Со тоа, од утре, четврток, 11 јануари, се укинува и бесплатниот превоз во автобусите на јавниот градски превоз, кој ќе се наплаќа според постојната тарифа“, соопшти Град Скопје.

Дека мерките престануваат да важат утре, а не денеска, објави и Владата на официјалната веб-страница.