Јункер: ЕУ да понуди перспектива за членство на земјите од Западен Балкан

Јункер: ЕУ да понуди перспектива за членство на земјите од Западен Балкан

Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, ја повика ЕУ да им овозможи кредибилна перспектива за членство на земјите од Западен Балкан додавајќи дека во иднина Унијата ќе има повеќе од 27 земји членки.

– Доколку сакаме стабилно соседство, мора да понудиме кредибилна перспектива на проширување за земјите од Западен Балкан. За време на овој мандат на ЕУ и на Европскиот парламент нема да има ново проширување бидејќи условите за прием не се исполнети. Но, во иднина ЕУ ќе има повеќе од 27 земји членки – порача Јункер во говорот посветен на состојбата во Унијата.

Тој додаде дека владеењето на правото во случајот со сите земји што се наоѓаат во пристапниот процес е приоритет и фокус во пристапните преговори.

„Тоа го исклучува приемот на Турција во блиска иднина“, рече Јункер во говорот.

Тој истакна дека неговото сценарио за иднината на ЕУ е засновано на три принципи: слобода, еднаквост и владеење на правото.

Осврнувајќи се на излезот на Велика Британија од ЕУ, Јункер порача дека март 2019 година ќе биде тажен момент во нашата историја, но дека одлуката на британскиот народ мора да се почитува.

– Брегзит не е иднината на ЕУ. Одиме понатаму – рече Јункер повикувајќи ја ЕУ на 30 март 2019 година, денот кога Британија официјално ќе ја напушти Унијата, да организира самит на ЕУ за иднината на Унијата.

Во годишниот говор претседателот на ЕК рече дека ЕУ последните години ја вратила довербата во себе додавајќи дека ветрот повторно дува во едрата на Европа и дека континентот станува пообединет по британската одлука.