Daily news
Албанскиот претседател во посета на Битола
Претседателот на Албанија, Илир Мета, денеска ја посети општина Битола, каде што оствари официјална средба со градоначалничката Наташа Петровска, со која заедно го посетија и Музејот на Албанската азбука во Битола.
Мета потсети на големото историско значење на Битола, а исто така изрази верување дека во идниот период соработката помеѓу двете држави ќе се зголемува како на локално така и на централно ниво.
„Исклучителна чест е за мене како претседател на Република Албанија да го посетам градот Битола и да изразам задоволство што се наоѓам на едно свето место за Албанците, каде и да живеат тие, место каде што нашите најумни и најхрабри патриоти 109 години порано го направија унифицирањето на албанската азбука. Битолскиот конгрес е исклучително важен настан бидејќи ја забрза процедурата за следниот уште поважен настан, прогласувањето на независноста на Албанија“, рече Мета.
Тој рече дека се надева дека Македонија и Албанија се во нова ера на одлични меѓуетнички односи внатре во Македонија и на одлични односи помеѓу граѓаните и двете држави, од двете страни на границата.
„Догодина славиме 110 години од постоењето на овој славен Битолски конгрес и овој настан е од исклучителна важност за нас, а верувам и за општина Битола и за Владата на Република Македонија, воопшто. Убеден сум дека сега Битола не само што ќе биде многу повеќе посетена од Албанците и во Македонија и во дијаспората, но ќе биде посетена и од учениците и студентите од Албанците од Албанија за да се запознаат со историјата и да бидат уште посвесни и поблагодарни за целокупната работа на тие луѓе кои пред 109 години го одржаа Битолскиот конгрес“, рече Мета.
Тој ја покани Петровска да ја посети Албанија.
„Во оваа пригода сакам да им го честитам на сите Албанци каде и да се наоѓаат во светот – Денот на албанската азбука. Ова е само потврда дека Битола отсекогаш бил културен, образовен, економски центар, значаен центар од секаков аспект. Она што би сакала да го споменам е дека каде и да се наоѓате, на која нација и да припаѓате, секогаш за човештвото се најбитни комуникацијата, разбирањето, градењето доверба помеѓу народите, а ова е всушност еден од начините во пракса да го покажеме тоа. Со мојот почитуван гостин денеска разговаравме меѓудругото за најразличните форми на соработка во следниот период коишто се однесуваат и во сферата на образованието, туризмот, економијата. Градењето и продлабочувањето на меѓусебната соработка се во интерес и на двете страни. Јас сум длабоко убедена дека тоа во иднина ќе се реализира“, изјави градоначалничката на општина Битола.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.