Daily news
Ацевски: Бугарија има право да го присвојува цар Самуил исто колку што и ние имаме право на тоа
Некои потешки зборови во врска со историјата поврзана со Бугарија во нашите учебници треба да се избегнуваат, но сè до оној момент додека не се негира или потценува еден историски факт, изјави професорот Илија Ацевски. Изјавата следува како реакција на оценката на премиерот Зоран Заев, кој рече дека терминот фашистичка Бугарија треба да биде изваден од учебниците бидејќи на некој начин претставува навреда за нашиот источен сосед.
Според Ацевски, историските факти не треба да се занемаруваат и тој не смета дека треба да се употребуваат термини што предизвикуваат заладување на односите помеѓу двата народа. Ацевски верува дека со договорот за добрососедство треба да се постапува внимателно бидејќи во спротивно Македонија би имала големи последици. Од една страна, внатрешен конфликт во државата, а од друга, опструирање на интеграциските процеси на Македонија во ЕУ и НАТО од страна на Бугарија.
„Треба да се биде максимално внимателен во тоа да не се заоструваат односите внатре во Македонија. Некои остапки треба да се прават, но треба да се биде умерен, со што и ние би имале бенефит“, вели Ацевски.
Тој смета дека секое насилничко барање од власта, без разлика на целите, би било контраефективно, што создава понатамошна поделба на Македонците.
„Тоа се осетливи работи, особено кога станува збор за договорот со Бугарија. Не би требало сето тоа да се нагласува, но не би требало ни да се занемари до крај. Треба да стои дека некој нешто во историјата направил, како и што го интерпретираат сите други народи како Србија, Грција, Албанија. Ако во нивните учебници стои дека Бугарите условно кажано имале друга мисија, а не онаа што е навистина историски потврдена, односно да ја окупираат Македонија, тогаш тоа би било контрапродуктивно барем во една психолошка смисла, што ќе доведе до понатамошни последици“, вели Ацевски.
Личниот став на социологот е дека присвојувањето на цар Самуил од страна на Бугарите може да биде исто толку оправдано колку што е од страна на Македонците, односно дека Бугарија има право да го присвои Самуил исто како и ние што имаме право на тоа.
Ацевски смета дека тешко може да се дефинира дали Македонија губи или добива од договорот со Бугарија и дека најважно од целата ситуација е овој договор да не ги заострува односите внатре во Македонија.
„Ако се случи тоа, тогаш ние ќе имаме многу повеќе штета отколку корист, без разлика дали се работи за тоа дали ние ќе влеземе во Европската Унија“, вели Ацевски додавајќи дека во договорот нема ништо стравично сè до оној момент додека не се доведат во прашање некои фундаментални права и идентитетот на државата.
На прашањето дали со договорот со Бугарија се навлегува во идентитетот на Република Македонија, Ацевски рече дека не може да се каже конкретно, но, според него, има некои елементи што значат една непотребна отстапка.
„Треба да постои една црвена линија и да се знае дека после таа линија, не може да се оди, без разлика дали ќе влеземе во ЕУ или НАТО, затоа што цената подоцна ќе биде многу поголема. Нема играње со идентитетот, тоа се враќа со стравични закани за нормалното живеење на една нација. Не треба да го изгубиме нашето достоинство и по секоја цена да влеземе во ЕУ“, вели Ацевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.