Daily news
Барокни дела и музика од Вајл вечерва на „Охридско лето“
Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ вечерва ќе донесе два концерта што ќе се одржат во црквата „Света Софија“.
Ансамблот „Маскерина“ од Франција ќе настапи со почеток во 20 часот и 30 минути. Ќе музицираат Себастијан Берета на барокна флејта, Мари Гијоми на виола да гамба и Николас Ватин на теорбо.
„Маскерина“ е основан од виолинистката Гијоми и лаутистот Никола Ватин минатата година за време на нивните студии во Версај. Ансамблот обединува музичари чиј основен интерес е барокната музика. Како дует или поголем ансамбл, „Маскерина“ се посветени на музичко истражување на репертоарот на европската барокна музика од 17 и 18 век, со посебен акцент на автентичната интерпретација на оригинални инструменти и на интеракција со публиката.
Досегашните концерти овој музички состав го водат во Париз, Версај, Марсеј, Бордо, Женева…. а настапуваат и со други ансамбли како Ревеус и Амичи Ме.
По завршувањето на концертот на „Масерина“, во 22 часот, Кабаре „Зборувај тивко“ ќе донесе дела од композиторот Курт Вајл.
Кабарето „Зборувај тивко“ го сочинуваат сопранистката Тијана Ѓуричиќ од Србија, пијанистката Ирина Наумовска од Македонија и српскиот хармоникаш Александар Будимир. Кабарето е обликувано да ги претстави сите фази на творештвото на Курт Вајл, со посебен акцент на делата настанати пред самото заминување од Германија, делата настанати за време на престојот во Париз и непосредно по доаѓањето во Америка.
Транспарентно тематски, стилски и хармонски се забележуваат интертекстуалните преклопувања на сè она што Вајл би го нарекол „живот“ во траење од 60 минути. Вајл е еден од најзначајните композитори на музика за сцена на минатиот век. Тој е роден во Германија, но поголем дел од животот поминал во САД.
Неговиот авторски опус опфаќа бројни мјузикли, опери, оперети, кабареа од кои особено се истакнуваат оние кои се соработка со Бертолд Брехт. Вајл имал потполна контрола над драматуршката структура на своите дела и со тоа ја зголемувал силата и општественото значење на музиката што ја компонирал.
Отворените прашања на идеологиите, политиката и моќта на музиката како да го опседнувале секојдневно.
Композиторот никогаш не ги заборава своите корени и за разлика од многу други емигранти кои се бореле да го прикријат еврејското потекло, тој бил еден од првите кои обрнува внимание на Холокаустот и неопходноста на подигањето на јавната свест за страдањето на европските Евреи.
Сопранистката Ѓуричиќ е родена во 1983 година во Белград. Одреден период учи соло-пеење со Никола Китановски во Белград, а дипломира на ФИЛУМ во Крагуевац во класата на проф. Радмила Бакочевиќ. Експериментира на полето на звукот и теориски го испитува односот тело-простор-глас. Концертира интензивно (остварува повеќе од 150 самостојни и заеднички концерти) во Србија и регионот, Италија, Франција, Германија и Јапонија. Ѓуричиќ ја претставува српската современа музика премиерно изведувајќи дела на млади автори во 2013 година во Токио и Нагоја. Во заеднички проект со пијанистот Андрија Павловиќ ја претставува Србија на Прашкото квадриенале во јуни 2015 г. Дискографскиот опус го започнува со снимка на делата на Ѓуро Живковиќ „Ај шел контеплејт“ („I shall contemplate“) за сопран и камерен оркестар во 2011 година. Таа е член на Здружението на музички уметници на Србија и професорка на Нова академија во Белград и на Факултетот за технички науки во Нови Сад.
Ирина Наумовска е родена во Скопје (1983). Нижото и средно музичко образование го завршува во Скопје, а дипломира, магистрира и докторира со највисоки оцени на ФМУ во Белград во класата на проф. Јокут Михаиловиќ. Во текот на школувањето соработувала со уметниците: Варди, Накамура, Бероф, Вијардо, Штаркман, Флорес, Нерсесјан и Валдма. Настапувала на концерти и натпревари во Франција, Малезија, Америка, Јапонија, Италија, Грција, Бугарија, Швајцарија, Шведска, Русија, Австрија, Португалија, Шпанија, Чешка, Германија, Мароко, Србија и др. Таа е добитник на 7 меѓународни награди (Мароко, Франција, Италија, Србија, Бугарија) и на 7 први награди на државни натпревари во Македонија. Учествува на фестивали во Италија, Португалија, Австрија, Германија, Јапонија, Македонија („Охридско лето“ и „Скопско лето“). Настапувала со Македонската филхармонија, Швајцарскиот симфониски оркестар „Камерата Швајц“ и со Австрискиот симфониски оркестар. Реализирала аудио и видеозаписи во Малезија, Мароко, Македонија, Швајцарија, Австрија, Јапонија и Србија. Во 2014 година Наумовска е член на Меѓународното жири на натпреварот „Охридски бисери“. Ги добила и наградите „Климентина Рафајловска“ и наградата на град Скопје „13 Ноември“. Таа е член на Меѓународната пијано-дуо организација во Токио.
Александар Будимир (Белград, 1989) ги направил првите музички чекори во класата на проф. Љубинка Барбариќ, а за време на академските студии учел во класата на проф. Радомир Томиќ, декан на Музичката академија во Крагуевац. Дипломирал како концертен изведувач-акордеонист во класата на проф. д-р Зоран Ракиќ, кај кого и магистрирал во 2015 година на академијата на Универзитетот во Источно Сараево. Посетувал семинари на светски професори, меѓу кои се истакнува соработката со Владимир Бесфамиљнов (Русија) и Воин Васовиќ (Србија). Го продолжува усовршувањето и на полето на етно-џез жанрот со проф. Драган Васовиќ. Тој е добитник на голем број награди на фастивали и натпревари во регионот и пошироко. Како педагог почнал да работи како професор по хармоника во музичкото училиште „Ватрослав Лисински“ во Белград од 2013 година, а од 2009 година редовно настапува со Тијана Ѓуричиќ, сопран, со која го оформуваат ансамблот „АМОС“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.