Daily news
Битка за демократијата пред полскиот парламент
Полската полиција денеска со сила ги оддалечуваше демонстрантите кои седеа на пристапите кон зградата на парламентот во Варшава каде што сенаторите ги усвоија контроверзните реформи на Врховниот суд. Од вторникот не престануваат демонстрациите на кои повикаа полската опозицијата, здруженијата на граѓани и сите синдикати, освен наследникот на некогаш славниот, а сега провладин синдикат „Солидарност“. Десетици илјади Полјаци излегуваат секоја вечер пред претседателската палата во Варшава, а во речиси 80 града надвор од зградата палат свеќи пред судовите барајќи од претседателот Анджеј Дуда да ја запре реформата на судството.
Дуда успеа со закана од вето да ублажи еден од најконтроверзните параграфи според кои досега самостојниот судски совет што го избираа судиите и што ја контролира независноста на судството сега со просто мнозинство може да го изберат пратениците на владејачката Партија на правото и правдата. Дуда потоа замина на одмор на Балтичко Море, но и таму го дочекаа демонстранти, кои стоеја пред претседателската летна куќа со запалени свеќи и извикуваа „вето“. Ова барање го извикуваа, според проценките од страна на градските власти, и околу 50.000 луѓе, според полициски проценка 14.000 демонстранти пред претседателската палата во Варшава.
На демонстрантите првпат им се придружија многу млади Полјаци, кои во два часот по полноќ довлекоа контејнер за да направат барикада на влезот на парламентот. Полицијата, која од вторникот ја претвори зградата на парламентот во тврдина опкружена со метални бариери и непрооден кордон од полицајци, буквално ги однесе демонстрантите што седеа тука, ги легитимира и ги предупреди дека ќе мора да употреби сила, а не само парични казни за блокирање на сообраќајот. Масата во предниот дел на Собранието потоа си најде нова тактика, а демонстрантите почнаа во густи редови да одат напред и назад по пешачките премини извикувајќи „пешаците имаат приоритет”, но полицијата успеа да ги отстрани и од таму.
Вечерва загриженост во врска со реформите што, како што наведува, може да го ослабат владеењето на правото, изрази и американскиот Стејт департмент.
Реформата на судството предизвика раздор и меѓу вишеградската група кога унгарскиот премиер Виктор Орбан испрати писмо со поддршка на полската влада, а ЕУ ја обвини дека почнала лов на вештерки кон Полска и Унгарија бидејќи на поинаков начин гледаат на проблемите. Од друга страна, чешкиот министер Љубомир Заорлек ја осуди реформата, а чешката еврокомесарка за правда, Вера Јоурова, се закани дека поради контроверзните реформи Полска ќе остане без пари од европските фондови до 2021 година бидејќи на даночните обврзници во Европа не им паѓа на ум да финансираат воведувањето диктатура во земја членка.
Во Чешка голем публицитет е даден на проценката на Павел Рхетски, претседател на Уставниот суд, кој е почитуван од целиот политички спектар, кој рече дека во Полска на дело е фронтален напад врз судството и врз демократијата и дека властите ја ликвидираат независноста на судиите за да ја уништат нивната основна мисија да ја контролираат владата и да ги бранат правата на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.