Daily news
(Видеодебата) Уставот нема да се менува ако Владата не се однесува како мачка да ѝ го гризнала јазикот
Владата треба да има потранспарентен пристап во процесот на преговори за името и треба јавно да ги соопшти црвените линии, до каде е долната граница прифатлива за достоинствено решение, порачува Љупчо Ристовски од Институтот за доблесна и вредносна политика „Интегра“ во дебатата на „Макфакс“. Според него, погрешен е пристапот на постојана попустливост од македонска страна, впечаток кој, како што тврди Ристовски, се добива од затвореноста на преговарачкиот процес. Во однос на промената на Уставот, како што инсистира Грција, Ристовски вели дека е недозволиво мешање во внатрешните работи на една држава според меѓународното право.
– Очекувањата за позитивна разрешница се подигаат дури и до непристојна граница, попустливиот став на македонската Влада им отвори на меѓунарондите претставници, на оние што гледаат свој интерес, шанса дека само со нивно влијание ќе дојде до решение. Тие еднострано приоѓаат и очекуваат попустливост и прифаќање на сите отстапки. Не гледам притисок врз грчката страна. Тие имаат црвени линнии, но на наша страна нашите политичари неумешно не го изнесуваат нашиот долен праг. Не објаснуваат во детали што значи тоа географска одредница, немаат ниту јасен став за латичните транскрипции на името за меѓународна употреба – вели Ристовски.
Според универзитетскиот професор Мерсел Биљали, пак, не треба да се откриваат сите карти во преговорите, ниту да се одредуваат црвени линии. Решението за ново име со географска одредница не подразбира задолжително уставни измени бидејќи меѓународното право препознава меѓународни договори како гаранција за двете држави, додава Биљали.
– Од моментот кога ќе кажете црвени линии, веќе ги отворате картите и во преговорите имате борба на позиции. Мора да има лош и добар полицаец, некогаш официјалните изјави што ни се чинат случајни намерно се пуштаат за да се опипа пулсот. Во однос на Уставот, нема потреба да се менува. Ако се случи да дојде до склучување меѓународен договор, тоа станува дел од правниот поредок кој не може да се укине со друг закон. Дури и да дојде до уставни измени понатаму, тие нема да може да ја дерогираат спогодбата. Тоа е основно начело во меѓународното право. Не гледам причина да се смени Уставот ако се најде решение за името со географска одредница оти пролбемот не е внатрешен , туку меѓународен, односно билатерален. Тие се позиции за кои и Грците се свесни – додава Биљали.
Г. Н. Р.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.