Daily news
(ВИДЕОИНТЕРВЈУ) Кристина Арнаудова: Бев дел од шарените за да не бидам безгласна буква во сопствената земја
Поп-пејачката Кристина Арнаудова го промовира видеото за песната „Љубена“, кое се снимаше во Охрид. Ова е прва песна и спот со кои се врати на сцената по паузата што ја направи поради раѓањето на својот втор син Матео. Во еден од кадрите на спотот се гледа слоганот на шарената револуција „Нема правда нема мир“, од која и Кристина беше дел, па гласно говореше дека сака да биде слободна. Освен музиката, таа постојано е ангажирана во хуманитарни цели преку нејзиниот проект „Среќа“. Таа им помага на децата од социјалните семејства и ранливите групи. Следната недела во Маврово на еднонеделен летен одмор ќе однесе 40 деца од ранливи групи.
„’Шарено лето’ е мојот нов проект. Ги носиме децата на летен одмор во хотелот ‘Лоч’ во Маврово. Таму тие ќе може да уживаат зашто подготвуваме за нив многу забава и изненадувања. Во целиот тим се вклучени доктор, воспитувач, јас ќе одам со нив и навистина сум среќна поради сето ова. Веднаш потоа, на почетокот на школската година, преку истиот проект ќе обезбедиме за учениците школски прибори и сè друго што им е потребно за училиште“, ни открива Кристина.
Таа уште пред две години ја започна кампањата „Среќно, матуранти“, со која успеа лани да облече 96, а годинава 120 матуранти. „Многу волонтери, најобични граѓани, а и популарни личности, се вклучија и навистина успеваме во намерата да им помогнеме на оние што не можат да си го дозволат тоа“, открива Арнаудова.
На прашањето за шарената револуција, од која таа беше дел и јавно говореше за тоа што ѝ пречи во државата, Кристина вели: „Да, бев дел од шарените и гласно говорев за тоа што ми пречеше зашто во мојата земја до неодамна не се чувствував комотно. Имав чувство дека таа некому му е мајка, некому маќеа. Мора гласно да го говориме тоа што го мислиме. Најлошото што можеше да се случи и до пред два месеца ни се случуваше е што бевме безгласни букви во сопствената земја. Сега првпат по толку време чувствувам дека дишам слободно, без страв од последици ако кажам нешто гласно. Извини, ама ако си крадел, ќе си одговараш за тоа. И јас ако сум крадела, секако ќе сум одговарала за тоа“, искрена е Кристина.
Таа се пофали дека станала тетка.Ссестра ѝ Барита неодамна се породи со ќеркичката Каја, па Кристина вели дека едвај чека да замине за Охрид за да се види со сестра си со која има прекрасен однос.
А.Георгиев
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.