Daily news
Горан Живаљевиќ се брани: Ме напаѓаат мене за да ги сокријат вистинските насилници
Горан Живаљевиќ, службеник на БИА и дипломат кој, како што тврди, по службена должност се нашол во Собранието на Македонија за време на упадот на симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ, тврди дека скандалот поврзан со неговото име требало да го одвлече вниманието на јавноста од вистинските провокатори и насилници.
Во емисија на српска телевизија Живаљевиќ изјавил дека во Собранието дошол дури два часа по насилството, а во прилог на своето тврдење дека се одвлекува вниманието од вистинските насилници го споменал присуството на Игор Југ, поддржувач на Хрватските ослободителни сили (ХОС), кој бил облечен во кошула со шаховница и можеби, додал, имал и оружје. Според него, Југ не бил уапсен, ниту, пак, тепачите со маски. И не се знае, според него, каде е Југ, иако „половина Скопје знае кои се тие.”
Живаљевиќ тврди дека единствениот доказ за неговиот престој во парламентот оваа вечер, кога Албанецот Талат Џафери беше избран за претседател на Собранието, било „селфито” што тој самиот го испратил на советникот на безбедност на македонскиот претседател, Синиша Алексоски. Алексоски тогаш бил во Охрид и кога, како што изјавил, го прашал каде е му го пратил „селфито“ од Собранието.
Тој посочи дека целата афера избила речиси еден месец по настаните во Собранието, но кога приказната за него како тепач не поминала требало да му се прикачи дека е поврзан со руската разузнавачка служба.
„Требаше да се најде моја врска со руските служби. Патем, јас никогаш не сум бил во Русија и никогаш не сум бил во контакт со некој Русин. Се дружев со претставници на сите главни служби, но никогаш со Русите”, рече Живаљевиќ.
Живаљевиќ се пожали исто така дека во Скопје бил следен и прислушуван и дека за тоа сведочат транскриптите од телефонските разговори што ги имал со лидерот на српската партија во Македонија, Иван Стоиљковиќ. Живаљевиќ, кој повеќе не работи во амбасадата на Србија во Скопје, признава дека не му било лесно во сите овие настани што објективно ги нарушиле во еден период македонско-српските односи. Му било полесно кога државата застанала зад него и го заштитила настапувајќи синхронизирано како тим.
„Добив заштита од врвот. Јас не сум член на СНС и само во една пригода го сретнав Вучиќ, но човекот ме бранеше”, рекол Живаљевиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.