Daily news
Директорот на „Фени“, Миракхмедов не избегал туку ја напуштил Македонија поради здравствени проблеми
По двомесечен апсолутен молк, генералниот извршен директор на „Фени“ Јусуф Миракхмедов се огласи во јавноста преку соопштение во кое ги демантира сите тврдења против него. Завчера Миракхмедов и раководството на фабриката од малцинскиот партнер БСГР добија кривични пријави за за злосторничко здружување, злоупотреба на службената должност и овластување, измама, оштетување или привилегирање на доверители, како и други бројни дејствија со кои е нанесена штета на БСГР и на други засегнати страни, а вчера Миракхмедов доби кривична пријава и од Управата за финансиска полиција поради незаконска продажба на залихи на фабриката кои биле заложени кај банките.
„Овие наводи се целосно неосновани и јас сум спремен тоа да го докажам на надлежните органи. БСГР и банките имаат извршено акт врз мене и ова е нешто што надлежните органи треба да го истражуваат. Јас и останатите жртви на клевета нема да се откажеме без да настапи последица за БСГР и банките“, стои во официјалниот одговор од Миракхмедов за кривичните пријави кој до медиумите го испрати адвокатското друштво Давидовиќ и Јанковиќ, застапници на Миракхмедов.
Миракхмедов посочува дека виновници за лошите состојби во фабриката се раководните лица од периодот пред тој да ја преземе фабриката. Укажува дека тој и неговиот тим откриле дека претходниот генерален директор на „Фени“ заедно со финансискиот директор направиле проневера со пари од фабриката во што биле инволвирани и банките и поради тоа бара надлежните органи да поведат соодветна истрага.
Адвокатското друштво „Давидовиќ и Јанковиќ“ соопшти дека Миракхмедов не избегал туку ја напуштил Македонија поради здравствени проблеми, а се наоѓа на позната адреса, како што нагласуваат, и е спремен во било кое време да се појави пред било кој државен орган на доставена покана, онака како што законот тоа го предвидува.
„Отуѓувањето на залихите на фероникел и друга руда врз која банките наводно имале заложно право, а за што информираше Финансиската полиција на одржана прес-конференција во текот на вчерашниот ден е работа која допрва треба да ја утврди обвинителството и во крајна линија – судот, а ваквото соопштение само го крши начелото на презумција на невиност. Логиката на економско работење налага производите на една фабрика да се продаваат за да истата остварува финансиска корист за да може да ги сервисира како платите, тековното работење, така и кредитите на истите банки“, стои во соопштението од адвокатското друштво.
Од „Давидовиќ и Јанковиќ“ тврдат дека моменталната состојба на „Фени Индустри“ изнесува околу 57 милиони евра обврски, додека активата на компанијата изнесува околу 160 милиони долари. Состојбата, како и другите документи со кои располагаат, „Давидовиќ и Јанковиќ“ сметаат дека покажува оти не може да стане збор за било какво кривично дело, а најмалку за злоупотреба на службена должност и овластување од страна на извршниот директор.
„Имајќи ги во предвид сите соопштенија до јавноста, а особено соопштението на ‘Енекод’ сметаме дека позадина на ваквата кампања е осуетување на постигнатиот договор за продажба на ‘Фени Индустри’ и остварување на нечии други интереси“, вели адвокатското друштво, застапник на Миракхмедов.
И покрај наводите на „Давидовиќ и Јанковиќ“, банките се децидни во тврдењата дека не постигнале договор со „Енекод“ за продажба на „Фени“ и дека без нивна согласност, како најголеми кредитори, продажбата не може да се реализира.
Трите банки, Комерцијана банка АД Скопје, Стопанска банка АД Скопје и банката Силк роуд Скопје, иницираа постапка за стечај на „Фени“ поради истечените рокови за наплата на долговите во висина од 40 милиони евра. Рочиштено на кое ќе се утврдува дали ќе се отвори стечај за фабриката е закажано за 13 ноември.
Во меѓувреме, по двонеделна истрага на сметководствената документација во „Фени“, Финансиската полиција утврди дека директорот Миракхмедов без согласност од банките продавал производи кои биле под залог за што веќе поднесе кривична пријава, а најави и дека истрагата во фабриката продолжува.
За работењето на „Нова логистик“, фирма ќерка на „Фени“ која била приватизирана, „Ролис“ исто така дел од „Фени“ и за бугарски „Екекод“, компанија заинтересирана да го купи комбинатот, предмети отворило и Јавното обвинителство за гонење организиран криминал.
Работењето на „Фени“ е под истрага и Управата за јавни приходи. Од таму велат дека засега резултатот од истрагата е даночна тајна иако вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев посочи дека компанијата не поднела завршна сметка за 2016 година што досега било толерирано.
М.И.П.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.