Контакт

Daily news

Опасни времиња – тероризмот како светски феномен

Објавено пред

Нови напади во Каталонија. Дузина мртви кога терорист со комби удрил во група туристи на најпознатата улица во Барселона. Напаѓач во Турку со нож уби двајца и повреди десетина луѓе. Осуммина искасапени во рускиот град Сургут. Бомбаш самoубиец се разнесе на пазар во Багдад. Добро вооружена група исламисти презеде контрола врз град на Филипините. Припадници на Исламската држава им ги пресекоа главите на заробени војници во Алепо. Боко харам киднапира 70 девоjчиња од училиште во Нигерија. Вообичаени вести без кои речиси не може да помине просечен информативен блок во текот на 365 дена во годината, а сите ги спојува еден термин – тероризам. Веројатно најповторуваниот збор на глобално ниво во последните дваесетина години. Порано десетина пати годишно, па неколкупати месечно, но сега веќе на неколку часа.

dobivaj vesti na viber


Нови напади, нови чудовишни акции. Свирепост со незамисливи пропорции. Застрашувачки, далечен, а сепак, близок, таинствен, но толку очигледен. Западната цивилизација во својата бурна историја се борела со сите замисливи пречки и конкретни непријатели, но судбината сакала токму во времето на нејзината апсолутна доминација да се судри со ривал без облик и боја, со противник што не признава никакви правила на игра, способен бескрајно да се приспособува, решителен, крвожеден и недофатлив. Иако главно се врзува со модерниот исламски екстремизам, тероризмот не е измислен во нашето време. Напротив, тој како општествен феномен во одредена смисла е стар колку што е стар и човечкиот род, но никогаш досега не се манифестирал на толку константен и толку ноторен начин. Интересно, прв чекор во борбата против ова зло е направен во 1934 година по атентатот врз југословенскиот крал Александар Караѓорѓевиќ во Марсеј кога Франција официјално предложила создавање меѓународен кривичен суд, а тогашната Лига на народите одлучила да основа експертски комитет кој требало да го напише нацрт-текстот на конвенцијата за спречување на тероризмот. Оттогаш со него се занимаваат повеќе научни дисциплини, па, сепак, сè уште не може конечно да се дефинира. Се работи за злосторство опфатено со Меѓународното кривично право, заедно со злосторствата против човештвото, воените злосторства, геноцидот, агресијата и така натаму. Разните дефиниции се согласуваат дека тероризмот по својата природа е напад врз фундаменталните вредности и принципи на кои се засновани Обединетите нации, односно дека актите, методите и праксата на тероризмот се во спротивност со целите и принципите на ОН. Токму затоа сите држави члeнки на светската организација се номинално обврзани да се борат против ова зло, во сопствените граници и на меѓународно ниво, иако е јасно дека одредени земји честопати водени од себични политички причини не само што не им се спротивставуваат туку дури и активно ги помагаат терористичките групи.

 

Тероризмот има компликувана и контрадикторна суштина која се менува во зависност од политичките и економските услови, од религијата, традицијата, етничкиот и социјалниот состав на населението во определен регион. Политичкиот момент е секако најважен и можеби токму затоа американскиот Стејт департмент го дефинира како „предоминантно политички мотивирано насилство извршено против невоени цели“, а ФБИ го смета за „сериозно насилство против лица и имот или закана за негово користење за да се застрашат државата или јавноста и да се промовираат политички, социјални или идеолошки цели“.

Во поново време, со неговата интернационална експанзија, се појави и терминот супертероризам, кој го применуваат култови или религиски групи, одлично обучени, мотивирани и решителни во потрага по оружје за масовно уништување, кои се подготвени веднаш да го употребат доколку, не дај боже, на некој начин успеат да го добијат.

Со оглед на последиците за целиот свет, најпознат терористички напад е, секако, оној од 11 септември 2001 година кога исламистички екстремисти со претходно киднапирани цивилни авиони удрија во кулите близначки на Светскиот трговски центар во Њујорк и во зградата на Пентагон во Вашингтон. Во овој напад без преседан загинаа над три илјади луѓе и беше тешко погодена американската национална гордост. Речиси веднаш потоа во САД стапија во сила екстремни антитерористички закони, тогашниот претседател Џорџ Буш Помладиот му објави војна на глобалниот тероризам, изврши инвазија врз Авганистан и Ирак и ја воведе праксата на ракетни удари врз позиции на терористите без предупредување практично на која било точка на планетата. Во инвазијата на Блискиот Исток и во специјалните операции досега се елиминирани десетици илјади терористи, во 2011 година беше убиен и мозокот на нападите од 11 септември, Осама бин Ладен, но истовремено загинаа или се тешко повредени и стотици илјади цивили, меѓу нив и жени и деца, кои во рамнодушната антитерористичка статистика редовно се наведуваат во графата – колатерална штета.

Со неверојатно брутални терористички акции се соочи повеќепати и Русија, иако две од нив длабоко се врежани во руското национално ткиво. Нападот врз училиштето во Беслан (Осетија) од 1 до 3 септември 2004 година кога маскирани терористи, меѓу нив и жени, држеа како заложници 1.200 лица, главно ученици, нивни родители и наставници. Во крвавиот расплет загинаа 344 луѓе, од кои 186 деца, а над 700 завршија со потешки или полесни повреди. Притоа беа убиени сите терористи, како и 11 руски специјалци. Овој терористички напад, заедно со оној од 2002 година, кога во театарот „Дубравка“ во Москва влегоа 40 исламисти и држеа речиси 900 заложници (во невештата акција што следуваше беа убиени сите терористи, но и неколку десетици заложници), на Русија дејствуваа слично како 11 септември врз САД. Претседателот Владимир Путин се закани дека Русија ќе ги уништи терористите по секоја цена и дека во војната против нив ќе ги користи сите расположиви средства. Како рефлексија на тоа ветување Русија денес учествува во војната во Сирија, оперативно и тактички ги помага земјите што имаат огромни проблеми со терористичката закана, како Египет, Ирак и Иран, и редовно извршува антитерористички операции на Кавказот каде што и натаму се активни разни претежно чеченски исламистички структури.

Европа, од своја страна, со извесен сарказам кажано, долго време гледаше сеир сè додека теористичкото чудовиште не затропа и на најзината врата. Не дека во минатото немало такви акции на Стариот Континент, напротив. Да го споменеме само уривањето на „боингот 747“ над Ирска на 23 јули 1985 година, извршен од страна на милитантната група Сика кога загинаа 329 луѓе. Или оној над Локерби во Шкотска кога беше урнат американски авион, а загинаа 270 луѓе. Сè уште се свежи сеќавањата на терористичките акции на Баден Мајнхоф во Западна Германија, на италијанските Црвени бригади, на ИРА во Северна Ирска и на баскиската ЕТА во Шпанија. Нивните акции беа често крвави, со приличен број мртви и повредени, но речиси по правило насочени кон политичари, судии, индустријалци, војници или полицајци, односно против естаблишментот, кој, според нивните уверувања, е репресивен и зол.

Меѓутоа, во последните години Европа се соочува со поинаков вид тероризам. Цели се сосем недолжни луѓе, цивили, жени и деца, луѓе во автобус или метро, тргнати на работа, на прослава, на плоштадите или на миса во црква. Ако во седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век терористичките акции се одвиваа во рамките на тезата на научникот Брајан Џенкинс дека не им требаат многу мртви, туку им треба голема публика, во последно време сликата е драстично променета. Не затоа што има повеќе напади и повеќе жртви, туку во начинот на кој тие се изведуваат и во фактот дека жртва може да биде буквално секој. Денешните терористи сакаат што повеќе мртви и немаат милост кон никого. Притоа, неспорно е дека повеќето терористички напади се извршени од исламистички фанатици и членови на тајни ќелии на Ал каеда и Исламската држава, но не се осамени во спроведувањето на психопатската идеологија. Ако во 2004 година Ал каеда во серија координирани напади врз железничката мрежа во Мадрид уби 192 лица во име на исламистички фанатизам, а тоа го повтори и една година подоцна во Лондон, каде што загинаа 56 лица, тогаш не треба да го заборавиме белиот неонацист Андрес Брејвик, кој во јули 2011 година на норвешкиот остров Утоја застрела и уби 69 деца во левичарски младински камп и уште десет луѓе при бомбашки напад врз зградата на владата на Норвешка. И не само што остана жив туку е осуден релативно благо, на 21 година затвор, а светската јавност речиси редовно ја малтретира со своите жалби дека во затворската ќелија му недостига квалитетен интернет или разновидна храна.

Акциите на екстремистите на европска почва уште повеќе зачестија со доѓањето на големата маса бегалци од Блискиот Исток и Африка. Меѓу несреќните што бегаат од војни и сиромаштија се инфилтрираа и голем број потенцијални извршители на напади како оние во Париз (2015 година ,130 луѓе), Ница (2014 година, 86 жртви), Брисел (2016 година, 32 убиени), Стокхолм (2017, петмина убиени), Манчестер ( 2017 година, 22 мртви), Берлин (2016 година, 12 загинати) или сега актуелниот во Барселона со 14 загинати лица.

Опасност демне на секој чекор, а стравот се шири како чума. Меѓутоа, она што се случува во Европа е неспоредливо со страшните кампањи на системски тероризам на кој се изложени цивилите во Сирија, Ирак, Египет, Јемен, Нигерија, Сомалија, Судан, па и во Турција, на чија територија, малку по вина на властите и малку по сплет на околностите, се најдоа огромен број припадници на Исламската држава и на нејзините разграноци. Првпат во историјата една терористичка организација основаше свој калифат и тоа на релативно голем простор во Сирија и Ирак, каде што спроведуваше и сè уште спроведува политика на крваво насилство, насочено кон сите оние што макар и симболично одбиваат да ѝ се покорат на нејзината искривена теолошка идеологија.

Кое е решението за проблемот со меѓународниот тероризам? Сè уште нема одговор на ова прашање. Ескпертите велат дека е потребна едукација, многу работа, пред сè со младите луѓе, борба со предрасудите и, се разбира, истребување на непоправливите злосторници. Но, тоа е лесно да се каже, а малку потешко да се спроведе во пракса, особено што модерниот тероризам фаќа приклучок со времето, брилијантно ги користи социјалните мрежи за врбување нови членови, се расфрла со пари за да ја шири својата пропаганда и се инфилтрира во сите пори на општеството. Пред некоја година еден германски дипломат иронично забележа дека Европа и светот, едноставно, ќе треба да се навикнат на тероризмот и да се помират со фактот дека тој ќе биде присутен уште долго време. Нималку утешителна забелешка, иако, по сè изгледа, ќе мора да се навикнеме. Можеби ова е навистина неговото време.

 

Драган Милосављевиќ



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Daily news

Прва правна конференција Tres Partes

Објавено пред

На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.

dobivaj vesti na viber

Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.

Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.

Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.

Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.

 

Прикажи повеќе...

Daily news

Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната

Објавено пред

Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.

dobivaj vesti na viber

Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.

За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.

Прикажи повеќе...

Daily news

Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера

Објавено пред

Spion

Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.

dobivaj vesti na viber

Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.

„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.

Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.

Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија31 минута

МОН известило дека деновите на изборите ќе се одработуваат во две саботи, а на 15 јуни и часовите пропшуштени поради самитот на ОБСЕ

Министерството за образование и наука (МОН) ги известило училиштата дека неработните денови на одржување на изборите ќе се одработат во...

Топ1 час

Детали за кражбата на сефот во скопско Црниче: 23-годишник е еден од осомничените

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 23-годишник осомничен за кривично дело тешка кражба од член 236 став 1 точка...

Свет1 час

САД ставија вето на приемот на Палестина во ОН

Соединетите Американски Држави ставија вето на нацрт-резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации „Државата Палестина да биде прифатена како...

Свет2 часа

Небензја: Америка го крши духот на Палестинците, ги принудува да му се покорат на Израел

САД, кои ја блокираа резолуцијата за Палестина во Советот за безбедност на ОН, се обидуваат да ја скршат волјата на...

Македонија2 часа

Мицкоски: Преземам иницијатива за создавање национално единство, и запирање на сите напади кон Левицата и ЗНАМ, државата е одземена од народот

„ВМРО-ДПМНЕ – ВМРО Демократска партија за македонско национално единство, тоа е многу силно име, кое не само заради историското ВМРО...

Македонија2 часа

Маричиќ: Оваа Влада ги покачи пензиите 50 проценти и ветуваме дека во наредниот мандат просечната пензија ќе биде од 500 евра

Меѓународниот секретар на СДСМ и кандидат за пратеник, Бојан Маричиќ, оствари средба со граѓаните пензионери од Изборната единици 1, каде...

Свет2 часа

Си-ен-ен: Остин разговараше со Галант пред нападот на Иран, Вашингтон не ја поддржува оваа акција

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин разговараше во четвртокот со израелскиот министер за одбрана Јоав Галант за „регионалните закани и...

Свет2 часа

Трамп: Опстанокот на Украина е важен за САД

Доналд Трамп рече дека опстанокот на Украина е важен за Соединетите Американски Држави. Поранешниот претседател поголемиот дел од својата објава...

Свет3 часа

(Видео) Светските медиуми: Израелски проектил го погоди Иран

Израел го нападна Иран, јавуваат светските медиуми. Ројтерс цитираше изјава од три лица запознаени со ова прашање, додека иранските државни...

Македонија12 часа

(Видео) Силјановска -Давкова: На 9 мај ќе го славиме Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, но ќе славиме и за Македонија

„На 9-ти мај ќе го прославуваме Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа! На 9-ти мај, ќе ја...

Македонија12 часа

Мицкоски: Повикувам на обезбедување на македонско национално единство, обзнанувам мораториум и запирање на сите напади кон партиите Левица и ЗНАМ

Нашето име е ВМРО-ДПМНЕ, ВМРО – демократска партија за македонско национално единство. Тоа е многу силно име, кое не само...

Македонија12 часа

(Видео) Ковачевски: Со Мицкоски и ДПМНЕ е можно само враќање назад во изолација и режим, далеку од Европа

Со Мицкоски и ДПМНЕ е можно само враќање назад во изолација и режим, далеку од Европа, рече претседателот на СДСМ,...

Македонија14 часа

(Видео) „Мицкоски на чист бугарски јазик му кажа на Борисов дека го поддржува договорот“, рече Пендаровски во Виница

Како дел од изборната кампања, кандидатот за претседател Стево Пендаровски попладнево беше меѓу граѓаните на општина Виница. На прашање на...

Македонија18 часа

Министерството за здравство за приватните специјализанти: Решение ќе има после изборите

„Министерството за здравство секогаш се залага за подобрување на условите за работа на здравствените работници и соработници, кои меѓу нив...

Македонија22 часа

Наместо покачена 12 отсто, вработените во културата не добија никаква плата, од утре излегуваат на протести

Доколку до крајот на денот не им биде исплатена платата за март на 3.000 вработени во културата, од утре тие...

Македонија22 часа

Сексизам, дискриминација, навреди и говор на омраза од Пендаровски и лица вклучени во неговата кампања: Силјановска-Давкова со нова претставка

Гордана Силјановска-Давкова денеска поднесе нова претставка до Државната изборна комисија, Комисијата за заштита од дискриминација, ОБСЕ – Организација за безбедност...

Македонија22 часа

ДУИ симулира седница на која Бугарите влегоа во Уставот, Села е претседател на Собранието, а Османи на државата

„Европскиот фронт“ предводен од Демократската Унија за интеграција симулираше конститутивна седница на Собранието, со тоа, сликовито прикажувајќи што би се...

Македонија1 ден

Пендаровски: Ја вративме слободата, изградивме еднакво општество, имаме силна поддршка од најмоќните демократски држави

Кандидатот за претседател, Стево Пендаровски вчерашниот ден од изборната кампања го заокружи со граѓански митинг во Гостивар. Пред присутните Пендаровски...

Свет1 ден

ЕУ воведе нови санкции за Иран

Лидерите на Европската унија вчера одлучија да ги зголемат санкциите против Техеран додека светските сили се обидуваат да спречат поширок...

Свет1 ден

Украина предупредува на трета светска војна пред клучната одлука во Америка

Украинскиот премиер изјави за Би-Би-Си дека ќе има трета светска војна доколку Украина ја загуби војната со Русија, апелирајќи до...