Daily news
Заев побара од приватниците да им ги зголемат платите на работниците
Поддршка за рамномерен регионален развој, инфраструктурно уредување на економската зона во Визбегово, неселективна примена на законите, полесен пристап до финансии, попис на населението, транспарентност и отчетност, се клучните барања што Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) му ги предочи денеска на премиерот Зоран Заев. На заедничката средба со Заев и владиниот економски тим Комората побара и формирање посебна комисија за поплавените подрачја во Ченто.
Премиерот Заев нагласи дека 80 отсто од барањата на СКСЗМ се вградени во владината економска програма, но апелира стопанствениците да продолжат со изнесувањето критики, сугестии и предлози зашто само така Владата ќе работи во полза на бизнисот, граѓаните и државата и ќе биде нивен сервис .Според него, 90 милиони евра или 1 отсто од БДП годишно ќе бидат реализирани за рамномерен регионален развој, а секој денар заштеден во буџетот ќе се инвестира во капитални инвестиции наместо во споменици. Заев најави дека ќе се изедначат условите за домашните и странските инвеститори, како и рационализација на администрацијата.
– Ако бизнисот оди напред, ќе се развива и државата, ќе има работни места за граѓаните и повеќе пари во буџетот од даноците – потенцира Заев.
Завршува времето, напомена тој, кога за капиталните инвестиции се бараат странски компании. Сега сите дејности ќе се делат на лотови за во секој од нив да се пронајде по некоја домашна компанија. Целта е што поголем број наши фирми да бидат вклучени во дел од големите вложувања така што профитот да се задржува во земјата, а не да се одлева надвор. Премиерот нагласи дека сака успешен мандат кој ќе резултира со добро стопанство и среќни граѓани.
Во врска со рационализацијата на администрацијата, објасни дека станува збор за квалитетен кадар и побара од бизнисмените во првата година, со владина поддршка, да ги вработат овие луѓе зашто не може, како што рече, за чуварско место во државните институции да бидат ангажирани 19 лица.
– Работните места во администрацијата мора да се рационализираат, а не да се отпуштаат луѓе од работа – истакна претседателот на Владата.
Тој побара од стопанствениците да им дадат поголеми плати на работниците кои, пак, оцени Заев, ќе им се вратат повеќекратно. Во обраќањето на средбата Заев се осврна и на даночната евазија посочувајќи ја како голем проблем на државата. Во овој контекст рече дека ќе се посегне по мерки што ќе значат чесно наплаќање на данокот на додадената вредност, а намерата на инспекторите нема да биде казнување, туку укажување и предупредување.
За СКСЗМ, еден од најголемите проблеми во моментот е зоната во Визбегово.
– Станува збор за подрачје што зафаќа три општини, има компании со 2.500 вработени, годишно остварува 640 милиони евра обрт и 30 милиони евра профит, а плаќа три милиони данок. Две години чекаме одобрение за градба, земјиштето е уште земјоделско, нема канализација, водовод, сообраќајни знаци… – укажаа стопанствениците.
Според Мендерес Кучи од Комората, кој укажа на неплаќањето ДДВ, државата мора да биде транспарентна ако има тешкотии при враќањето на долговите кон бизнисот за да можат компаниите тоа да го земат предвид и да планираат.
– Предлагам и службите да имаат точна евиденција кој даночен обврзник е во претплата, а кој должи – истакна Кучи.
Пред почетокот на дискусијата се обрати и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, кој ги повтори клучните економски политики и насоки на Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.