Daily news
Корпоративно управување во семејните бизниси
Семејните компании се од витално значење во секое општество и како такви заслужуваат посебно внимание не само поради огромниот број работни места кои ги креираат во општеството, не само поради приходот кој го остваруваат туку и поради нивната специфичност при работењето.
Само оние кои имаат семеен бизнис можат да посочат со какви сѐ предизвици се соочуваат секојдневно, не само од гледна точка на тоа како да го постават бизнисот во вистинска насока која ќе им носи успех и профит туку и како да ги одвојат семејните односи од бизнис односите.
Еден од клучните предизвици на семејните бизниси е дали и кога да се воведе корпоративно управување во компанијата. Светските истражувањата покажуваат дека компаниите кои се професионално управувани остваруваат ЗНАЧИТЕЛНО подобри финансиски резултати, наспроти копманиите кои практуваат семејното управување со слаби бизнис практики. За жал, во таквите компании многу често се забележуваат финансиски неуспеси, но и измами, кои се една од најголемите болки не само во бизнисот туку и во семејството.
Сопствениците на компаниите многу често го одложуваат корпоративното управување во компаниите за „некогаш понатаму, кога ќе сме доволно големи“, што, секако, е многу погрешен принцип на работа. Корпоративното управување им помага на сопствениците да ги надминат дел од слабостите кои се карактеристични за сите семејни бизниси, како на пример:
Сложеност на управување
Комплексната управувачка структура, на која освен професионалните се додаваат и семејните односи, е еден од клучните проблеми при водење на компанијата
Склоност кон неформални односи и намерни нејаснотии
Сериозен компаниско/семеен проблем кој дополнително се зголемува со растот на компанијата
Недостиг на дисциплина (Клучен проблем во компанијата)
Многу семејни компании не посветуваат доволно внимание на клучните стратешки области, како што се: планирање на наследници на клучни управувачки позиции, вработување на членови на фамилијата, привлекување клучни менаџери
Едно од најчесто поставуваните прашања на сопствениците и управителите на семејните бизниси и КОГА да се воведе корпоративно управување? На ова прашање има само еден одговор: СЕГА И ВЕДНАШ.
Што им носи корпоративното управување на семејните бизниси?
Постојат три основни организациски барања кои мораат да се земат предвид доколку семејните компании сакаат успешно да ги надминат предизвиците кои ги носи растот на компанијата и да останат одржливи.
Прво, семејните компании мораат да научат да ги регрутираат и задржат најдобрите луѓе за семејниот бизнис.
Второ, мораат да бидат во состојба да развијат култура на доверба и транспарентност
Трето, мораат да дефинираат логична и ефикасна организациска структура.
Ова е само една од темите кои ќе се обработуваат на Третата по ред конференција за предизвиците на транзиција на семејните бизниси, организирана од Clear View BTC, која ќе се одржи на 31.05.2017 од 09-17 часот на Скопски саем. По успешно организираните конференциии за семејни бизниси изминатите две години, каде учествуваа повеќе од 250 посетители, Clear View BTC по третпат ја организира единствената конференција од ваков тип, на која ќе се разговара за преземањето на лидерството и наметнување на авторитет од страна на наследниците; светски практики за трансфер на сопственишто („гемански“ модел vs „италијански“ модел vs „балкански модел“ и зошто е важно веднаш да се воведе корпоративно управување во семејниот бизнис
На панел дискусиите кои ќе се одржат во рамки на конференцијата ќе можат да се слушнат еминентни претставници од бизнис заедницата кои ќе дискутираат на темите.
На конференцијата како гости ќе бидат присутни основачи и сопственици на приватни компании, професионални менаџери, наследници на компании, членови на семејни бизниси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.