Daily news
Кривична пријава за кумановска фирма, управители и вработен во Општината за незаконско градење згради
СВР Куманово поднесе кривична пријава против ДПТУ,,Муња Љубиша” ДООЕЛ Куманово и Љ.П. (49) од Куманово, управител на фирмата поради постоење основи на сомнение за сторени три кривични дела „бесправно градење”, против С.И. (50) од Куманово, вработен во општина Куманово поради постоење основи на сомнение за сторени три кривични дела „помагање“ во врска со „бесправно градење” и против Т.С. (39) од Куманово, поранешна управителка на ДПГТУ ,,Урбан дизајн” поради постоење основи на сомнение за сторени три кривични дела ,,несовесно работење во службата”.
Според информациите на МВР, ДПТУ,,Муња Љубиша” ДООЕЛ Куманово и Љ.П, како инвеститори на три градби во текот на 2011, 2012 и 2013 година, извеле градежни работи и спротивно на одобрената проектна и техничка документација, како и спротивно на намената на објектите изградиле три посебни објекти за колективно домување, за кои што вкупна вредност од продажба и размена на недвижности изнесува 79.427.813 денари. Тие изградиле вкупно 42 посебни станбени единици, од вкупно проектирани и одобрени 24 станови со намена за индивидуално семејно домување. На тој начин тие се стекнале со противправна имотна корист од 66.997.517 денари или околу 1.090.000 евра.
-С.И. им помогнал на прво и второпријавените во извршување на делото. Со прво и второпријавениот, како иматели на лиценца за градење, имал склучено интерен и усмен договор и учествувал во административни работи околу добивање на одобренијата за градење за објектите, а преку друштвото “Урбан Дизајн“ ДОО Куманово, основано од неговата сопруга, директно управувал со градење на самите објекти со давање на совети и упатства на ангажирани и отстапени градежни работници. За неговиот ангажман, од прво и вторпријавените, по основ на аванси за вршење на интелектуално-консултативни услуги и други основи, примал парични средства, од кои дел ги уплатил за купување на стан во еден од објектите, а дел му останале за себе, додека пак, по ист основ-за интелектуални услуги и за купување на стан во еден од објектите, парични средства примала и Т.С.-четвртопријавената, службено лице-главен надзорен инженер и тогашен управител на друштвото „Урбан Дизајн“ ДОО Куманово за вршењето на стручен надзор при градбата на наведените објекти. Таа, во вршењето на определените службени должности и дискреционо овластување за совесно постапување, ги повредила законските прописи од член 36, став 1 од Законот за градење, на тој начин што пропуштила должен надзор и очигледно несовесно постапила кога го вршела надзорот над градежните работи на објектите. Во извештаите кои ги подготвувала, напишала дека на основните проекти нема недостатоци кои мора да бидат отстранети. Извештаите биле употребени како вистинити пред Секторот за урбанизам при Општина Куманово, како надлежен орган кој ги издал Одобренијата за градење, за понатамошна постапка при запишување на градбата во јавната катастарска книга на недвижности – соопшти МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.