Daily news
Мала станица: Изложба „Теорија“ на Зоран Поповски
Во Националната галерија на Македонија, на 15 јуни (четврток), мултимедијален центар „Мала станица“, во 20 часот, ќе биде отворена самостојната изложба на Зоран Попоски под наслов „ Теорија”.
Интердисциплинарниот македонски уметник Зоран Попоски својот најнов проект насловен „Теорија” го базира врз принципите на повеќеслојното истражување во доменот на културните и општествените теории и практики, поставувајќи се себеси како аналитичар и критичар на мноштво теми кои се однесуваат на идентитети, територија, јавен простор итн.
Тековната серија постконцептуални цртежи под наслов „Теорија“, на која е фокусиран и која ја развива од 2015 година наваму, досега содржи 65 дела (од кои на оваа негова 14. по ред самостојна изложба, поставена во Националната галерија на Македонија е претставен избор од 22), и според авторот претставува серија портрети на „монументални фигури од светот на филозофијата, книжевноста и уметноста, и негови лични светилници, од Фридрих Ниче и Вирџинија Вулф до Валтер Бенјамин и Џудит Батлер“.
Делото од оваа серија, „Меланхолија (Ниче)” ја доби наградата за цртеж на Артслант, водечка светска мрежа за современа уметност. Три други дела од овие серии цртежи, портрети на филозофите Теодор Адорно и Жил Делез и на уметникот Јозеф Бојс, во неколку пригоди беа објавени во британскиот весник „Гардијан”, во избор на Флавија Фригери (кураторка за современа меѓународна уметност во Тејт музејот во Лондон), како и на Емили Сарџент (кураторка на Велком колекцијата во Лондон) и на Шоаир Мавлиан (кураторка за современа фотографија во Тејт модерн во Лондон).
Зоран Попоски е меѓународно наградуван трансдисциплинарен уметник, едукатор и истражувач. Роден во Скопје во 1974 година, Попоски живее и работи во Хонг Конг.
Попоски истражува теми поврзани со културното преведување, лиминалоноста, идентитетот и јавниот простор преку медиумите на цртежот, сликарството, графиката, фотографијата, перформансот, видео артот и издаваштвото.
Неговите дела се прикажани на 70 меѓународни изложби и фестивали, меѓу кои: АртБазел Хонг Конг, 30 Биенале на графика Љубљана, Азија контемпорари арт шоу, Тисен Борнамисза 21 Арт Контемпорари Виена, Институт за современи уметности Лондон, Музеу Вила Веља Португалија, Данска Национална школа за изведбени уметности во Копенхаген, Национален музеј на Црна Гора, Сергеј Курјокин музеј за модерна уметност во Санкт Петерсбург, Местни Музеј Љубљана, Музео де Арте де Понсе Сан Хуан во Порторико, Национална галерија на Македонија, Музеј на современа уметност Скопје, Музеј на град Скопје – Отворено графичко студио, Фестивал артстејс во Словенија, Универзитет Шарџа во Обединетите Арапски Емирати, итн. Негови јавни уметнички проекти се прикажани на урбани ЛЕД екрани, билборди и постери во Њујорк, Хонг Конг, Даблин, Скопје, итн.
Изложувал заедно со врвните светски имиња од современата уметничка продукција, како Герхард Рихтер, Нам Џун Пајк, Алора и Калзадија, Шу Бинг, Риркрит Тираванија, итн. Неговите дела се избирани за изложби од врвни светски куратори и критичари, како Доналд Каспит (професор емеритус по историја на уметност и филозофија, Државен Универзитет на Њујорк), Елизабет Сасман (куратор, Витни Музеј, Њујорк), Дебора Кален (директор и главен куратор, Галерија на Универзитетот Колумбија, Њујорк), итн.
Магистрирал уметност во нови медиуми (TИ/ДУК, Њујорк и Линц, Австрија) и докторирал студии на културата (ЕУБА, Скопје). Остварил студиски престои на Школата за визуелни уметности во Њујорк, Вулу Берлин, Пацифик Нортвест Колеџ оф Арт во Портланд (САД), Вермонт Студио Центар (САД), итн.
Добитник е на низа меѓународни награди и признанија за уметност, меѓу кои: Награда ЦЕЦ Артслинк (Њујорк), ИД+консони Сондика (Шпанија), ВСЦ Уметнички грант (САД), Артслант награда избор на жирито, итн.
Неговите дела се наоѓаат во повеќе меѓународни колекции, меѓу кои Видеотаж Медиа Арт Колекшн во Хонг Конг, Фондација Лучијано Бенетон во Италија, архивирани во АУП архивата (проект на е-флукс во соработка во Серпентајн Галери во Лондон), и застапени во Сачи арт колекшн.
Изложбата ќе трае до 15 јули 2017 година, а куратор на проектот е Маја Чанкуловска-Михајловска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.