Daily news
Митревски: Безобразни невистини на самопрогласениот в.д. претседател на ССМ
Досегашниот претседател на ССМ, Живко Митревски, во писмена изјава ги отфрли обвинувањата нарекувајќи ги вулгарни лаги на групата исклучени членови на ССМ.
„Во обидот да го скријат срамот од насилната смена на легитимниот претседател на ССМ избран на конгрес, оваа група луѓе потпомогнати од институции на државата и власта во обидот насилно да го освојат ССМ, за свои лични и партиски цели, безобразно ја кријат вистината, која се состои во следното: платата на претседателот на ССМ е помала од платите на повеќето претседатели на гранските синдикати. Тие што живеат надвор од Скопје примаат надоместоци за одвоен живот или им се плаќаат кирии за станот. Претседателот на ССМ од 2010 до 2015 година во согласност со договорот за вработување примал плата од 40 илјади денари и имал права по колективен договор, како и сите други. Од 2015 година прима надоместок само за одвоен живот во согласност со колективниот договор и законот како и сите други. ССМ како репрезентативна организација и СИНАК има 70-ина вработени, поседува две коли и има синдикални канцеларии во сите поголеми градови во РМ. За разлика од ова, поголемиот дел на групата на синдикални пензионери околу Димовски во гранските синдикати има по три вработени лица и, замислете, имаат ни повеќе ни помалку, како, на пример, во „Агро синдикатот“ две возила, СУТКОЗ – едно, УПОЗ – две, СИЕР – пет возила. За време на Митревски вратени се над 32 милиона денари долг, вратени се петте заостанати плати кои тогаш ССМ не можеше да ги исплати. За време на Митревски редовно се примаа плати, а денес на сметката како резултат на крајното домаќинското работење има над 18 милиони денари заштеда. За разлика од ова, сите сејачи на невистини имаат долг кон ССМ повеќе од 12 милиони денари кои не ги уплаќале кон ССМ и ги трошеле. Борбата на оваа група синдикални демагози е борба за освојување на имотот и зградата на ССМ и борба како да се спречат најавите на Митревски за остварување на дополнителните барање на работниците на барањата за зголемени плата во јавниот сектор, полицијата, одбраната, администрацијата и правосудството за колективен договор во јавниот сектор, за нови прифатливи услови за пензиски стаж и слично. Оваа група не може да го скрие ни срамот за кршење на вратите во канцеларијата во кабинетот на претседателот на ССМ, крадење и подметнување документи, дипломи за завршено образование, книги, паричници и лична документација, што е невидено насилство во синдикализмот. Членовите на ССМ крајно ги осудуваат и забраната за влегување вработени во ССМ и автономните синдикати со злоупотреба на службената положба и овластување на самопрогласениот Димовски и неговата група за кршење на демократските права и слободата на движење и ќе бидат поднесени повеќе кривични пријави“, вели во писмената изјава Живко Митревски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.