Daily news
Николовски: Поддршката од ЕУ и од донаторската заедница е од големо значење за идните политики во земјоделскиот сектор
Денеска во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се одржа состанок на секторската работна група за земјоделство и рурален развој, на која беа поканети и претставници од Делегацијата на Европската Унија, претстваници од странските донатори и невладиниот сектор.
Како што информираат од Министерството, на состанокот се разговарало за главните перспективи и предизвици, како и за идните политики за развој на земјоделството и руралниот развој.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, ги презентирал клучните перспективи на политиките во земјоделството во делот на храна и ветеринарство и фитосанитарните политики во Република Македонија. Посочил дека силно верува во зајакнувањето на перспективите на соработка со сите релевантни учесници во земјата и меѓународните и регионалните организации, со цел подобрување на земјоделството и руралниот развој.
„За развој на земјоделскиот сектор многу е важно, пред сè, да постои сеопфатен механизам за соработка. Со заедничка работа, ќе бидеме во можност поинтензивно да се фокусираме на проблемите во земјоделството и руралниот развој, да ги идентификуваме заедничките потреби и интереси и да дејствуваме на нашите потреби за надградба на капацитите. Целта на македонската Влада е да се фокусира на зголемувањето на конкурентноста во земјоделското производство и одржливиот развој на руралните средини. Земјоделството и руралниот развој се еден од клучните приоритети на Владата на Република Македонија, а унапредувањето на овој сектор бара вклучување огромни напори, посветеност и заложби. Во спроведувањето на овие наши цели важна е поддршката од Европската Унија и од донаторската заедница“, посочил министерот.
Со цел да се обезбеди целосна интегрираност на националните политики на Владата и користењето на странската помош од донатори и кредитори во Република Македонија, со одлука на Владата е формирана секторката работна група за земјоделство и рурален развој. Таа работи на имплементација на задачи на експертско ниво, поврзани со формулирање и имплементација на секторските политики на национално ниво, вклучувајќи ги тука, генерално, сите оние релевантни фактори за интеграција во Европската Унија, како помошта од донаторите и посебно ИПА-програмата на Европската Унија.
Раководителот на Секторот за соработка при Делегацијата на Европската Унија, Никола Бертолини, ја презентирал улогата на секторскиот пристап, работната агенда на оваа секторска работна група за земјоделство и рурален развој и приоритетите. Истакнал дека е потребно да се видат промените и резултатите во системот и дека тие треба да бидат дел од овој процес, кој треба да биде, пред сè, демократски.
„Потребна е институционална поддршка, а граѓанскиот сектор треба да биде составен дел од овој процес. Има пет елементи од работата на ова група. Како прво, донаторите не би можеле сами да се координираат, потребно е да се одржуваат редовни состаноци, да се сподели агендата, да се разговара за прогресот и да бидат дел од секторската работна група. Потребно е да се идентификува програмата за ИПА 2019, да се одржуваат редовни состаноци на еден или два месеца затоа што само со заедничка поддршка и работа може да има прогрес. Потребно е да се одржуваат чести потсекторски состаноци, на кои ќе присуствуваат институциите, донаторите, агенциите, граѓанскиот сектор“, посочил Бертолини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.