Daily news
Раководни лица во Фабриката за кабли Неготино обвинети за намерно предизвикување стечај
Пет лица од раководството на Фабриката за кабли во Неготино (ФКН), од кои четворица државјани на Бугарија, заработија кривични пријави поради несовесно работење и злуопотреба на службената положба.
Како што информираат од МВР, полицијата во Неготино поднела кривична пријава против Г.Х. (47) во својство на генерален директор на Фабриката за кабли Неготино, Ј.Ј. (37) во својство на претседател на одбор на директори на истата фабрика, К.Ј. (41) во својство на член на одборот на директори на компанијата и К.М. (41) во својство на член на одборот на директори сите од Република Бугарија, како и против Љ.К. (61) од Велес во својство на член на одборот на директори на Фабриката за кабли Неготино.
Тие се товарат дека извршиле продолжиле кривично дело „злуопотреба на службената положба и овластување“, „намерно предизвикување стечај“, „оштетување или повластување на доверители“ и „фалсификување на службена исправа“.
Кривично пријавени се и Ј.С. (41) од Република Бугарија во својство на сопственик/управител на фабриката и С.С. од Република Бугарија во својство на сопственик/управител на „Мега Ел ООД“ – Софија, мнозински акционер, сопственик и основач на ФКН ДООЕЛ Неготино, а поради сомнение за сторено кривично дело „помагање во извршување на кривично дело“.
Според податоците кои ги објави МВР, во периодот од 2007 до 2010 година, Г.Х., Ј.Ј., К.Ј., К.М. и Љ.К. во својство на службени и одговорни лица, по претходен договор, во повеќе наврати со пречекорување на својата службена положба и овластување, постапиле спротивно од законот за трговски друштва. Во 2007 година за задолжување на друштвото во една банка донеле одлука со која е дадена согласност целокупниот движен и недвижен имот на ФКН да се заложи во корист на банката, при што вредноста на имотот која била „спогодбено“ одредена била многу помала од книговодствената. Потоа со Ј.С. и С.С. склучувале договори-зделки за пристапување кон долг, за кои знаеле дека претставуваат зделки со заинтересирана страна, а без одобрение од надлежен орган-Собрание на акционери на АД „ФКН“ Неготино.
Исто така, тие склучувале договори и за непостоечки побарувања – цесии со поврзаното друштво ФКН ДООЕЛ и преку договор за деловна техничка соработка ги отстапиле сите договори, лиценци и сертификати за производство. Покрај ова, го издавале и имотот под закуп на финансиски поврзаното друштво ФКН ДООЕЛ, а со цел за прикривање на вистинската намера за пренос на целокупниот движен и недвижен имот на поврзаното лице ФКН ДООЕЛ. Првите петмина пријавени, спротивно од законот за стечај, во услови кога друштвото е несолвентно и сметката е блокирана повеќе од 45 дена, со банката склучувале договори за пристапување кон долг, како и кон фиктивни договори за цесии во кои внесувале невистинити податоци, го пренасочувале целокупното работење на АД ФКН преку сметката на поврзаното лице ФКН ДООЕЛ, при што била извршена привидна продажба на имотот сопственост на АД ФКН Неготино. На овој начин АД ФКН Неготино станало трајно неспособно да ги извршува обврските кон другите доверители и со тоа извршиле оштетување на останатите доверители, акционери и на Република Македонија за износ од 847.217.663 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.