Daily news
СА без Ленард го декласира Хјустон и избори финале на Западот (Видео)
Кошаркарите на Сан Антонио, без својот најдобар играч Каваи Ленард, го декласираа Хјустон 114.75 и со вкупен резултат 4-2 ја добија полуфиналната серија во Западната конференција. Сан Антонио во конференциското финале ќе игра против Голден Стејт.
Без Каваи Ленард, Сан Антонио го скрши отпорот на противникот уште во првото полувреме, кога стекна предност од 22 поени. Спарси особено беа импресивни во втората четвртина, во која постигнаа 17 поени повеќе од Хјустон (30:13).
Хјустон, кој беше домаќин, имаше очајна реализација од поле, само 29 отсто (тројки 32,5 отсто, двојки 24 отсто), а имаа и далеку помалку скокови од противникот 37-60.
„Сите го подигнаа нивото на играта, неколкумина од момците одиграа добар натпревар. Погледнете го Мареј, поентираше, правеше влезови, асистираше, играше одбрана…Центрите беа одлични. Пети Милс го контролираше ритамот, а Симонс и Грин беа добри на периметарот. Сите имаа свој придонес, ова беше тимска победа со 32 асистенции и само седум загубени топки“, рекол по мечот тренерот на Сан Антонио Грег Поповиќ.
Во отсуство на Ленард, Спарси ги предводеше Ламаркус Олдриџ со 34 поени и 12 скокови, а неговата игра ја следеа Донатон Симонс со 18 кошеви, Пети Милс со 14 поени и седум асистенции , додека „дабл-дабл“ забележаа Дехонте Мареј (11 поени, 10 скокови, 5 асистенции) и Пау Гасол (10 поени, 11 скокови, 5 асистенции, 3 блокади).
Хјустон без помошта на Џејмс Харден не можеше да се носи со разиграните Спарси. Кандидатот за МВП наградата, Харден, одигра катастрофален меч, погоди само два шута од поле, а мечот го заврши со 10 поени и седум асистенции.
„Мораме да ги прифатиме работите такви какви што се. Се паѓа на моите рамења, ја прифаќам одговорноста. Тешко е, особено поради начинот на кој загубивме. Ова е фрустрирачки бидејќи во текот на сезоната одлично се носевме со сите пречки“, рекол Харден.
Најефикасен во редовите на Хјустон беше Тревор Ариза со 20 поени, а Клинт Капела имаше учинок од 15 поени и 12 скокови.
Финалето на Западот ќе започне на 14.мај во Оукленд, каде ќе се одигра и вториот меч на 17.мај. Потоа серијата ќе се пресели во Тексас, каде исто така ќе се играат две средби, на 21. и 23.мај.
„Мислам дека за Голден Стејт сме подготвени, што не беше случај за серијата со Хјустон, бидејќи во првата рунда игравме против Мемфис. Голден Стејт и Хјустон играат слично, со таа разлика што Вориорс имаат повеќе квалитетни кошаркари од кои е тешко да се одбраниш“, рекол ветеранот Ману Џинобили.
На Истокот, актуелниот првак Кливленд го чека противникот во финалето, кој може да биде познат в сабота, кога Вашингтон и Бостон ќе го одиграат шестиот меч од серијата, во која Селтикси водат 3-2. крај/мф/нц
https://www.youtube.com/watch?v=O6y3_NdLKUI
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.