Daily news
Седница на Владата: Две смени во градинките, народни кујни, евтина струја…
Владата на денешната седница го разгледа годишниот извештај за работата на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија во 2016 година, а заменик-претседателот на Владата за економски прашања ја запозна Владата со информацијата во врска со одржаниот состанок во Секретаријатот на Енергетската заедница во Виена, Австрија, на 9 август годинава и притоа истакна дека Законот за воведување евтина тарифа во снабдувањето со електрична енергија треба да биде ставен во приоритетните закони и напомена дека нема пречки тоа да биде спроведено во Македонија.
Владата го разгледа и годишниот извештај за работата на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија во 2016 година и го утврди мислењето врз основа на заедничкото мислење што Министерството за економија ќе го подготви во соработка со кабинетот на заменик-претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, при што треба да се имаат предвид поединечните мислења на Министерството за финансии и Секретаријатот за законодавство и го достави во понатамошна процедура во Собранието на Република Македонија.
Во текот на седницата беше разгледана и информацијата за воведување втора смена во јавните установи за деца – детските градинки во Македонија. За овој предлог Владата го задолжи Министерството за труд и социјална политика да ја информира јавноста за овој предлог и да побара мислење од сите засегнати страни за потребата од двосменско работење на градинките.
Владата да ја разгледа и усвои информацијата за прогрес на проектот „Отворање народни кујни“ за периодот јануари-јуни 2017 и да ја усвои информацијата со новиот текст на заклучоци.
Во текстот се задолжуваат неколку општини од земјата да обезбедат услови, простории за делење храна и транспорт за дистрибуција на храна во рамките на проектот „Отворање народни кујни“ и за тоа да го известат Министерството до однапред утврден временски рок. Исто така, се задолжи Министерството за труд и социјална политика да направи анализа на ефектот од функционирањето на народните кујни и во рок од 30 дена до Владата на Република Македонија да предложи модели за подобрување на функционирањето на проектот „Отворање народни кујни“.
Владата на денешната дискусија ја прифати и донесе предлог-oдлуката за изменување на одлуката за испраќање припадници на Армијата на Република Македонија за учество во вежбовната активност „Вигрес вориор“ во Република Унгарија и предлог-oдлуката за испраќање припадници на Армијата на Република Македонија за учество во вежбовната активност „Џоинт коперејшн“, во Сојузна Република Германија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.