Daily news
Синот на Неделкова му се обрати на Јово Вангеловски: Нека спие мирно!
„Веќе извесно време размислувам што ли се случува во умот на претседателот на Врховниот суд на Република Македонија, Јово Вангеловски, кога јас, Давид Неделков, (син на судијката Лидија Неделкова н.з.) претставувам негова главна преокупација. Имено, во неколку последователни изјави претседателот на Врховниот суд лично ме прозва, па сметам дека истиот очекува и јас лично да му се обратам, и покрај тоа што не се познавам со него“, напиша на Фејсбук, Давид Неделков.
„Потекнувам од сериозно и угледно семејство во кое отсекогаш преовладувале моралот, остроумноста и прагматизмот како одлика на општествениот успех на мојата фамилија, па поради тоа не би сакал да навлегувам во дневно политичка реторика, но не би можел да останам нем сведок на ‘играта на тронови’ во која, од за мене непозната причина, сум и јас лично инволвиран од страна на претседателот на Врховниот суд.
Како млад магистер по право, во текот на своите студии, а посебно растејќи и развивајќи се во семејство со правна традиција, сериозно ги изучував и анализирав Уставот и законите на Република Македонија, но никаде не можев да најдам дека должност на претседателот на Врховниот суд е да врши контрола и надзор за тоа кој става печати и се потпишува на доставници во јавните институции кои не се дел од судската власт и во кои претседателот на Врховниот суд нема никакви овластувања. Па така, во однос на тврдењата на претседателот дека на доставници од институцијата СЈО (Специјално јавно обвинителство) стоело моето име и презиме, кои во последното негово интервју на една од македонските телевизии беа дури и безобразно арогатни, би сакал јавно да му одговорам дека истите се апсолутно невистинити, па со оглед на овој факт не ми е јасна целта која сака да ја постигне со моето јавно прозивање.
Воедно би сакал да го прашам дали од круцијално значење за опстанокот на неговата функција и функционирањето на Врховниот суд и судската власт воопшто е тоа кој ги потпишува доставниците во СЈО?
Се надевам дека со ова мое обраќање на претседателот на Врховниот суд на Република Македонија ќе му се разјасни неговата животна енигма и дека, конечно ,ќе може мирно да спие и своите мисли да ги сосредоточи кон независноста и непристрасноста на судската власт, особено во однос со странките во судските постапки, Јавното обвинителство и адвокатската комора, кои, за жал, демонстрираа дека преку постапките на избраните претставници, злоупотребувајќи ги интересите на граѓаните претставуваат сериозна закана за нарушување на принципот на владеење на правото.
Ова особено ако се има предвид каков врвен придонес во правната наука се неговите реферати – иницијативи за донесување правни мислења од страна на општата седница на Врховниот суд, за кои верувам дека долго време ќе бидат предмет на изучување од домашните и странски експерти.
Iustitia est constans et perpetua voluntas ius suum cuique tribuendi (правдата е постојана и секој го добива своето)“.
(Статус на Фејсбук на Давид Неделков)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.