Daily news
Тевдовски: Транспарентниот однос на владата со инвеститорите ќе донесе нови странски инвестиции
Транспарентноста на Владата и приближувањето кон НАТО ќе донесе дополнителни странски инвестиции во земјава. Активно се работи на проект за поврзување домашни и странски компании од автомобилската индустрија, со што ќе се обезбеди повеќе работа и за домашните фирми, порача министерот за финансии, Драган Тевдовски, во интервју за Гласот на Америка. Тој заедно со гувернерот на Народната банка, Димитар Богов, ја предводи делегацијата која учествува на годишните средби на ММФ и Светска банка во Вашингтон.
„Нашиот пристап е да имаме транспарентен однос со инвеститорите, да поставиме чист терен за игра. Инвеститорите ќе знаат точно со што се соочуваат. Нема да има никаков простор за работи на страна, корупција или слично. Тоа е добро и ќе донесе дополнителни странски инвестиции. Исто што е многу важно и што е наш приоритет е да работиме на поврзување на домашните компании со странските инвеститори, тоа сериозно отсуствуваше изминатите години. Во моментот преку проект на ИФЦ се работи на поврзување на домашните компании од автомобилската дејност со странски компании. Тоа е сериозен чекор напред кој ќе има мултипликативен ефект што кај нас во Македонија отсуствуваше. Секако дека кога се зборува за странски инвестиции, приближување кон НАТО, е најбитен сигнал за безбедноста на земјата. Мислам дека тоа е многу важно и дека ќе донесе дополнителни странски инвестиции“, истакна Тевдовски.
Светската економија закрепнува оценува ММФ, глобалниот раст се проценува на 3,6 отсто. Оптимистичките проекции за глобалната економија, според Тевдовски, се добри и за Македонија бидејќи сме мала и отворена економија, која во голема мера е под влијание на тоа што се случува кај нејзините трговски партнери.
„Тоа што го слушнавме од директорката на ММФ, Лагард, зрачи со оптимизам. Особено затоа што изминативе години очекувањата беа попесимистички, се зборуваше за попроблематични сценарија. За Македонија ова е од големо значење бидејќи ние сме мала и отворена економија, која е зависна од она што се случува надвор. На пример, 70 отсто од нашиот извоз оди во Европската Унија, 47 отсто во Германија, така што тоа е важно за Македонија и значи дека Македонија ќе има шанси да го зголемува својот економски раст, ако случувањата на светско ниво се позитивини и добри“, вели Тевдовски.
Според Тевдовски, годинава Министерството за финансии одело со поконзервативна проекција за економски раст во споредба со релевантните институции како ММФ. Сепак, за догодина проекциите се повисоки од три отсто и се совпаѓаат со оние на меѓународните финансиски институции.
„Очекувањата се дека македонската економија ќе закрепне и ќе почне да се движи напред. Во моментот сме силно посветени на реформите, а приоритет на Владата се и евроатланските интеграции. Сметаме дека тие на среден рок ќе го интензивираат растот, а понатаму ќе може да се обезбеди и раст кој ќе биде и повисок. Политичката нестабилност влијаеше на забавување на економскиот раст, но со формирање на Владата имаме политичка стабилизација на состојбата, а гледаме дека има и стабилизација на инвестициската активност. На меѓународните пазари оние три издадени еврообврзници кои котираат таму имаат историски најниски приноси, односно најдобро се вреднувани досега. Пазарите се оние кои најдобро ги вреднуваат перспективите на македонската економија и стабилизацијата на политичките состојби“, нагласи Тевдовски.
Во рамки на годишните средби македонската делегација одржа низа средби со претставници на Светска банка, ММФ и ЦЕБ, како заменик претседателот на Светска банка, Сирил Милер, директорот на Светска банка за Западен Балкан, Линда Ван Гелдер, директорот за Европа на ММФ, Пол Томсон, и други.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.