Daily news
Трајанов: Слободното гласање клучно за поразот на ВМРО-ДПМНЕ
По 2008 година, ВМРО-ДПМНЕ ги користеше сите механизми за да влијае врз определбата на граѓаните. Некои се легални, но други се активности што апсолутно не се прифатливи за една демократска држава, смета лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов.
– Силната медиумска манипулација што ја има преку провладините медиуми, клиентелизмот со субвенции, вработувања, притисокот врз администрацијата и, се разбира, кршењето на изборните закони со креирани гласачи, лажни лични карти, гласачи од Пустец, сето тоа овозможуваше еден контингент на гласови што сега ВМРО-ДПМНЕ ги нема – вели Трајанов.
Според него, исто така една од најважните причини за определбата на граѓаните на изборите е тоа што со формирање на новата Влада започнаа реформски процеси во државата и започна офанзивна дипломатска активност за разрешување на споровите со Грција и Бугарија и цврстата определба за влез во НАТО и ЕУ.
Промените се водечката сила што ги мотивира граѓаните да ја поддржат провладината политика и со тоа ВМРО-ДПМНЕ првпат објективно да ги изгуби изборите – вели Трајанов додавајќи дека со губење на централната власт ВМРО-ДПМНЕ ја изгуби можноста за притисок врз државната администрација, која и покрај тоа што е вработена од страна на оваа партија, првпат се почувствува слободна да не даде поддршка на изборите за ДПМНЕ.
– Граѓаните слободно се определуваа за кого ќе гласаат, тоа беше клучно – дали сакаат да излезат на гласање и слободно да гласаат за онаа политичка коалиција за која сметаат дека државата ќе ја движи во подобра насока – рече Трајанов.
Тој напомена дека има информации оти многу општини што важат за вмровски не излегуваат на гласање затоа што во партијата нема реформи, што за него е главна причина за намалување на гласачкото тело на опозициската партија, која, како што кажа, доживеа еден класичен нокаут од што тешко дека бргу ќе закрепне.
На прашањето дали Груевски ќе се повлече од партијата по овој пораз, Трајанов изјави дека тоа е работа на членовите внатре во партијата и дека сè зависи од самиот лидер дали тој со својата оставка ќе дозволи реформите да се одвиваат непречено.
– Тоа се внатрепартиски работи за кои треба да се одлучи, но знаеме дека ДПМНЕ е голема партија така што таа и понатаму со ова раководство може да го опструира работењето на оваа Влада преку големиот број пратеници што ги има во Собранието. Ако се промени раководството, партијата може да ги поддржи реформите на оваа Влада, кои се во интерес на државата – вели Трајанов додавајќи дека негова лична процена е дека Груевски по завршувањето на вториот круг, ќе започне постапка за одржување вонреден конгрес каде што ќе се избере ново раководство на партијата.
Според процените на Трајанов, доколку Груевски си поднесе оставка, ќе се обиде преку новиот претседател на партијата и понатаму да раководи со неа, но прашање е дали ќе успее во тоа.
– Љубчо Георгиевски се определи негов наследник да биде Груевски бидејќи сметаше дека преку него и понатаму ќе раководи со партијата, но праксата не го покажа тоа. За многу кус период се судрија и Георгиевски беше комплетно исклучен од партијата – вели Трајанов.
Лидерот на Демократскиот сојуз смета дека доколку СДСМ продолжи со добрата кампања и реформите, ВМРО-ДПМНЕ ќе изгуби и во вториот круг во општините за кои се надева дека ќе ги добие, како Штип, Пробиштип, Кисела Вода, Бутел, Кавадарци.
– ВМРО-ДПМНЕ не треба да очекува градоначалници бидејќи веќе е прекршена работата, граѓаните се за промени и проценуваат дека општините треба да добијат поддршка од централната власт. Граѓаните се прагматични и сметаат дека доколку локалната власт е поинаква од централната, соработка помеѓу нив нема да постои – вели Трајанов.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.