Daily news
Хаг пресуди: Доживотен затвор за Ратко Младиќ
Хашкиот трибунал денеска му изрече доживотна казна затвор на поранешниот воен командант на босанските Срби, генерал Ратко Младиќ. Седумдесет и тригодишниот Младиќ е обвинет за геноцид во Сребреница, прогон на муслиманите и на Хрватите во Босна и Херцеговина, терор врз населението на Сараево со долгогодишното гранатирање и земање припадници на УНПРОФОР за заложници.
Поранешниот воен лидер на босанските Срби, генерал Ратко Младиќ, беше отстранет од судницата во Хашкиот трибунал кога извика – ова е лага, по што го вратија за да ја слушне пресудата.
Младиќ претходно побара пауза, која требаше да трае пет минути, но се пролонгира бидејќи му беше дадена лекарска помош поради висок притисок, при што одбраната побара да не биде читано образложението на пресудата, туку судијата веднаш да ја соопшти одлуката.
Судскиот совет на Хашкиот трибунал денеска повтори дека во јули 1995 е извршен геноцид во Сребреница, но не и во осум други општини во источна Босна, како што се тврдеше во обвинението против командантот на армијата на босанските Срби, Ратко Младиќ. Судот при изрекувањето на пресудата на Младиќ заклучи дека во општините Фоча, Кључ, Котор Варош, Приедор, Сански Мост и Власеница се случиле злосторства над несрпското население, но оти нивната намера не била истребување на народот. Судскиот совет утврди дека во БиХ имало вооружен судир и дека злосторствата извршени во таа држава имале карактеристики на систематски, масовни и раширени дела. Такви заклучоци првостепениот совет донесе и во пресудата за поранешниот претседател на Република Српска, Радован Караџиќ, кој беше осуден на 40 година затвор.
Поранешниот воен командант на босанските Срби пред почетокот на изрекувањето на пресудата пред Хашкиот трибунал изјавил дека е невин и дека не можат да му ја замат душата, пренесуваат дописниците од судницата на белградските електронски медиуми.
Судењето на Младиќ почна во мај 2012 година кога тој кон крајот на мај 2011, по 16 години бегство, беше уапсен во Србија и испорачан на Хаг. Обвинителите побараа Младиќ да биде прогласен за виновен и да добие доживотен затвор. Неговите адвокати, пак, бараат ослободителна пресуда. Во првото појавување пред трибуналот Младиќ одби да се изјасни за вината, а судијата во согласност со правилата во записникот внесе дека обвинетиот не се чувствува виновен.
Генералот на војската на Република Српска, Ратко Младиќ, е обвинет за најголемото воено злосторство по Втората светска војна – масакрот во Сребреница. Обвинението гласи: геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства во 11 случаи. Како главен командант на војската на босанските Срби на Младиќ му се припишува главна вина за протерувањата, мачењата, убиствата и силувањата во БиХ.
Во најтешките делови од обвинението спаѓа над три години долгата опсада на Сараево со илјадници жртви, малтретирање затвореници во логори, терористичка кампања против Хрватите и муслиманите во босанските градови, заложништво на припадници на силите на ОН, УНПРОФОР, како и геноцидот во Сребреница. Српските единици во 1995 година навлегоа во тогашната заштитена зона од ОН, Сребреница, и убија речиси 8.000 муслимански мажи и момчиња.
Масакрот во Сребреница беше најголемото злосторство извршено во Европа од крајот на Втората светска војна. Сето тоа беше шокантно бидејќи Сребреница беше прогласена за заштитена зона на Обединетите нации, каде што бегалците од другите места со војна зафатената Босна и Херцеговина можеа да најдат засолниште.
Процесот против Младиќ, започнат во 2012 година, е последен за трибуналот, кој на крајот на годинава ќе ја заврши својата работа по 24 години постоење. Тековните просеци ќе бидат преземени од нова инстанца во Ден Хаг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.