Daily news
Хелсиншки комитет: Граѓанската иницијатива „Излези и ти“ поттикнува говор на омраза и ксенофобија
Хелсиншкиот комитет континуирано ги следи медиумските известувања по однос на граѓанската иницијатива која се спроведува деновиве во неколку градови во земјата и која има цел да собере потписи против изградбата на наводни кампови за бегалците што транзитираат низ РМ на патот кон западноевропските земји.
„Неоспорно е дека граѓанските иницијативи мора да бидат дозволени и непопречувани од страна на државните органи, но ниту една граѓанска иницијатива не смее да биде поставена врз дискриминирачка основа кон одредени ранливи групи граѓани, без оглед дали се тие македонски државјани или странци ниту, пак, смее да се служи со антагонистички и дискриминирачки јазик насочен кон ранливите групи во општеството какви што се бегалците од завојуваните подрачја во Сирија и околните земји“, велат од Хелсиншкиот комитет.
Оттаму додаваат дека од досегашниот развој на настаните произлегува дека иницијативата „Излези и ти“ сопственото дејствување го заснова врз шпекулации за наводно брзо преземање чекори од страна на надлежните државни органи во Република Македонија, вклучително и во однос на наводна изградба на социјално домување за сите бегалци што минуваат низ територијата на државата. Врз основа на таквите шпекулации, на мислење сме дека оваа граѓанска иницијатива, наместо регрутирање на граѓанството во насока на остварување одредена благородна цел, се претвора во нејзина спротивност, односно преку испраќање тенденциозни пораки во јавноста, кои не се доволно базирани и јасно аргументирани, да создава паника и вознемиреност во јавноста, со што на посреден начин се создава лажна и непријателска слика за лицата што не по своја вина ги изгубиле своите домови и семејствата и на кои им е неопходна помош и поддршка. Наместо тоа, тие се стигматизирани и претставени како безбедносна закана пренебрегнувајќи го фактот дека станува збор за исклучително ранливи категории лица кои се изложени на низа опасности и ризици на нивниот тежок и неизвесен пат до земјите од Европската Унија.
Од Хелсиншкиот комитет потсетуваат дека Република Македонија е транзитна земја на патот на бегалската рута кон Западна Европа и дека бегалците немаат интерес ниту намера да останат во Македонија. Според релевантни информации, во моментот во земјата има помалку од 50 бегалци, а државата е обврзана на сите нив да им овозможи хуман третман при нивното транзитирање на север во согласност со низа меѓународни инструменти, кои се во голема мера преточени и во релевантното домашно законодавство вклучувајќи ја директивата за прифаќање и другите инструменти на Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.